Денеска во просториите на Агенцијата за млади и спорт беше организиран прием за македонската кикбокс репрезентација, која на неодамна завршеното Балканско првенство во Ниш. Србија, постигнаа одлични резултати и ја претставија Македонија во вистинско светло.
„Освоените 6 медали во конкуренција на преку 220 репрезентативци на 10 балкански држави говори за тоа дека Македонскиот кик бокс има светла иднина. Тоа се докажа и во минатото на Европските и Светските првенства, каде нашите репрезентативци во континуитет имаат одлични настапи и се освојувачи на највисоките одличја” – изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт“, Марјан Спасески.
Тој им го честиташе успехот на медалистите и им посака уште многу вакви блескави моменти во нивната спортска кариера. Истовремено, и го честиташе и изборот на претседателката на Македонската федерација, Александра Неделковска за претседател на Балканската Кик боксинг федерација, што, како што рече Спасески, претставува уште една потврда за високото реноме и угледот кој го ужива Македонскиот кик бокс во меѓународни рамки.
Македонските репрезентативци беа задоволни од постигнатиот успех и искажаа надеж дека овој успех ќе се повтори и на Светското првенство, на кое наесен домаќин ќе биде Белград.
Претседателката на Кик боксинг федерацијата на Македонија, Александра Неделковска се заблагодари на поддршката која федерацијата ја добива од страна на државата и АМС и најави дека во 2016 година, Република Македонија повторно ќе биде домаќин на едно големо меѓународно натпреварување во Кик бокс.