Свечено отворено 55-то издание на фестивалот „Охридско лето“

Со изведба на сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, на ансамблот Ла фура делс Баус од Шпанија, под диригентската палка на Хозеп Висент, а во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија, синоќа на сцената на Античкиот театар во Охрид свечено беше отворено 55. издание на најголемата музичко-сценска манифестација – Фестивалот „Охридско лето“.

На сцената се појавија повеќе од 150 изведувачи, а освен музички, беа вклучени и видеоефекти, вода, воздух, оквири.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој како покровител на манифестацијата го прогласи за отворено 55. издание на Фестивалот, посочи дека „Охридско лето“ не збогатува со музички, сценски и ликовни дела, кои преку изведбите на врвните уметници, допираат до нас.

„Република Македонија е навистина среќна што веќе 55 години Фестивалот „Охридско лето“ е огледало што не збогатува духовно. Не збогатува со оние музички, сценски и ликовни дела кои, премостувајќи ги бариерите на просторот и времето, преку изведбите на врвните македонски, европски и светски уметници допираат и до нас“ – рече Иванов.

Уметноста, додаде тој, е како огледало што не потсетува на две големи вистини.

„Првата е дека сме создадени со потребата и сами да создаваме. Затоа и најсреќни сме во моментите кога ги изразуваме најдлабоките дарби кои не чинат она што сме, со сета наша различност и неповторливост. Втората вистина е дека, споделувајќи ги плодовите на нашите дарби, ние придонесуваме кон градењето подобар свет за идните поколенија “- нагласи претседателот.

Сепак, според него, во периоди кога човештвото минува низ големи трансформации, како да заборава да погледне во огледалото на уметноста.

„Растргнати сме меѓу безбројните избори и можности што ги нуди технологијата без да знаеме на што точно да се посветиме. Се чини дека светот никогаш порано не бил толку материјално богат, а истовремено толку духовно сиромашен. Но, не губиме надеж, бидејќи, како што велат мудрите, убавината е таа што ќе го спаси светот. Човекот повторно ќе се огледа во неа и ќе се потсети на она што го дефинира, а тоа е да создава и да споделува уметност“ – истакна Иванов.

Во името на уметниците, режисерот Љубиша Георгиевски ја испрати пораката за 55. издание на Фестивалот „Охридско лето“ во која се наврати во историјата на мултикултурализмот во Македонија.

Според него, ние имаме повеќе од 2500 години тренинг по мултикултурализам, односно жителите на Македонија биле жители на една огромна империја – империјата на Александар, на Римската, на големата Византија, на Самуиловото, Душановото и Османлиското царство кои биле мултикултурни општества.

„На ден Петровден, Охрид е повторно центар на светот, и тоа не е обична флоскула. Центар на светот е затоа што тука, во Охрид се напластени серија цивилизации“ – рече Георгиевски.

На отворањето присуствуваа и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска, министри…..

Гордана Јосифова-Неделковска, селектор на музичкиот дел на фестивалската програма, најави дека и годинава ќе понудат нешто ново, поинакво, што се надева дека ќе ја импресионира фестивалската публика. Музичкиот дел од фестивалската програма нуди звучни имиња од потврдени уметници, меѓу кои руските пијанисти Андреј Коробеников и Николај Лугански, македонскиот сопран Весна Гиновска–Илкова, пијанистката Кристина Светиева, …

Селекторот на драмскиот дел Ѓорѓи Јолевски вети многу новитети, четири премиери на македонски продукции, а во секоја од нив се инволвирани странски режисери, продуценти и копродуценти. Драмската програма почнува утре со претставата „Неопланта“ во изведба на Театар – Нови Сад, а во наредните фестивалски денови публиката ќе може да ги гледа „Нашиот клас“ на театар „Камери“ и Национален театар „Хабима“ од Израел, „Со љубовта шегување нема“ на Интимен театар од Битола, „Многу врева за ништо“ на Народен театар – Сомбор, рускиот театар „Вера Комисаржевскаја“ ќе настапи со претставата „Опасни врски“ на македонскиот режисер Дејан Пројковски…

Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура и од општина Охрид.

Фото: А.Андриоски