Во рамките на Луксембуршкото претседателство со Европската унија, денеска во Луксембург, започна Конференцијата на претседатели на Комисиите за европски прашања на земјите-членки на ЕУ – КОСАК, на која учествува претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, Ермира Мехмети.
На Конференцијата се дискутираше за приоритетите на Луксембуршкото претседателство со Советот на Европската унија, вклучувајќи ја тука и грчката криза, политиката на проширувањето, економските предизвици и предизвиците со емиграцијата.
Во рамките на оваа сесија, Мехмети имаше свое обраќање, во кое истакна дека треба да се изнајде начин со кој ќе му се даде нов поттик на процесот на проширувањето, при што изрази целосна поддршка на Берлинскиот процес, започнат минатата година. Притоа, укажа дека овој процес треба да послужи како катализатор, а не како замена за процесот на проширување на ЕУ.
Повикувајќи се на основните европски принципи на солидарност и компромис, Мехмети рече дека овие принципи треба да послужат како водечки основни вредности за конечното затворање на трите останати прашања во Западен Балкан – решавањето на билатералниот спор помеѓу Република Македонија и Република Грција, целосното признавање на Република Косово од страна на земјите ЕУ-членки и создавањето на перспектива за придвижување на БиХ кон ЕУ. На тој начин, ќе се овозможи овие земји да ги надминат отворените прашања и да се фокусираат на доследното спроведување и исполнување на демократските стандарди.
На денешниот КОСАК, посебно внимание се посвети и на прашањето за политичкиот дијалог во националните парламенти, со посебен акцент на улогата на Комисиите за европски прашања и зацврстувањето на правната улога во дијалогот.