По повод Светскиот ден на борба против малото и лесно оружје, во погоните на Југохром во Јегуновце, денеска беше уништена поголема количина на оружје, одземено во постапки кои се веќе завршени со правосилна судска пресуда. Во присуство на Министерот за внатрешни работи и членовите на комисијата задолжена за ништење на оружјето кое се чуваше по институционалните депоа, во печките на Југохром завршија вкупно 593 парчиња разновидно оружје. Поконкретно, по видови, беа уништени 103 пушки, 397 пиштоли, 13 автоматски пушки, еден пушкомитралез, 58 парчиња ладно оружје и 21 цевка за пушка.
Инаку, Министерството за внатрешни работи, само во изминативе година дена, има откриено и документирано 200 кривични дела поврзани со недозволената трговија и поседување на оружје и распрскувачки материи. Кривичните пријави се поднесени против 225 осомничени лица, а при акциите беа запленети 221 парчиња разновидно оружје и 3102 парчиња муниција.
Освен оружјето, во Југохром денеска се уништуваа и преку еден тон разни видови на наркотици, кои исто така биле одземени во постапки кои се веќе завршени со правосилни судски пресуди. Станува збор за приближно 893 килограми марихуана, над 226 килограми хашиш, 15,76 килограми хероин, 252 стебла марихуана и 1691 парчиња разни таблети.