На покана на Меѓународното лимнолошко друштво (МЛД), Охрид SOS се претстави со свој прилог во последното издание на Билтенот на МЛД од јуни 2015 г. Во текстот покрај актуализацијата на постоечката еколошка закана врз Охридското Езеро и непроценливата важност на неговата биолошка разновидност, Охрид SOS посочи и на потребата од нова визија во развојот на туризмот. Во тој контекст беше упатен повик до лимнолошката заедница за активна поддршка и учество во заштитата на Охридското Езеро, како и во трансформирањето на охридскиот регион во центар за еколошки и едукативен туризам и научно истражување. И токму во истиот, 66-ти број на билтенот на МЛД, во своето воведно обраќање, претседателот на МЛД, Ив Прери директно повикува на заштита на Охридското Езеро: http://www.limnology.org/news/silnews66.pdf.
Уште од самите почетоци, Охрид SOS започна кампања за запознавање на меѓународната научна јавност со неизбежната закана од еколошка катастрофа која би се случила како резултат на најавените урбанистички проекти во Студенчишкото Блато, на самиот брег на езерото или во негова непосредна близина. За таа цел, Охрид SOS има изработено и Декларација за зачувување на природното и културното наследство на Охрид во соработка со повеќе крајбрежни месни заедници.
Контактот со МЛД беше остварен неодамна како дел од напорите на Охрид ЅОЅ да го зголеми притисокот од меѓународната јавност врз носителите на одлуки во РМ. МЛД е научна заедница со стогодишна традиција и скоро три илјади членови од 84 земји, која е посветена не само на научното истражување, туку работи и на промовирање на подобро разбирање на водите со цел да поттикне разумно управување со нив и заштита на овие разновидни еко-системи. МЛД го издава списанието Inland Waters (Копнени води) кое е едно од најважните научни списанија во областа на лимнологијата – наука што се занимава со изучување на копнените води, како што се езерата, реките, мочуриштата, подземните води итн., класифицирани како еколошки системи меѓу водените базени и атмосферата.
За МЛД Охридското Езеро е едно од малубројните древни езера на планетата со непроценлива еволуционистичка важност и поради ова Друштвото излезе со непосредна поддршка – прво преку директно информирање на своето членство за повикот на Охрид SOS за поддршка на Декларацијата; и второ преку поканата Охрид ЅОЅ да ја елаборира еколошката закана по езерото – со што светската научната лимнолошка заедница се информираше за опасноста што го демне Охрид. Исто така, огромна поддршка за работата на иницијативата Охрид ЅОЅ беше и повикот на претседателот на МЛД, Прери кој воочува дека е иронично што проблемите за деградација на животната средина се најгласно артикулирани токму од јавноста, наместо од оние кои се одговорни за креирање на политиките за заштита на животната средина и оние кои најмногу знаат за неа – научниците. Новата визија на МЛД е токму ставање на својата експертиза на располагање на пошироката јавност во функција на решавање на конкретни проблеми што би можело да предизвикаат еколошки катастрофи. Тука Прери директно посочува на Охридското Езеро во знак на поддршка за негова заштита.