„Нашиот Клас“ од Тадеуш Слобоѓањек утревечер на Охридско лето

Во рамки на програмата на овогодинешното издание на фестивалот Охридско лето, утревечер со почеток во 21 часот на сцената во предворјето на Св.Софија ќе се одигра театарската претстава „Нашиот Клас“ од Тадеуш Слобоѓањек, во режија на Ханан Снир.

„Нашиот клас‘ е приказна за еден клас, во едно село во Источна Полска… Еден храбар поглед на она што се случило го оставагледачот без здив, шокиран и длабоко потресен, додека се идентификува со она што се случува на сцена. Десетте прекрасни актери благодарејќи на најсензитивниот и единствен стил на текстописецот и режисерот успеаjа да го направат невозможното: гледачот да ги засака и да ги разбере сите тие што го живееле овој неразумен живот кој им бил наметнат од историјата“.

„Нашиот клас“ ја обработува темата за комплицираните врски помеѓу Полјаците и Евреите во текот на Втората светска војна. Драмата е локална и универзална, приказна која, всушност, се случува во селото Једвабне во Источна Полска на десетти јули 1941, кога полските католички соседи упаднале во домовите на Евреите со кои пораснале, ги заробиле во локалната штала и запалиле 1.600 Евреи. Иако драмата говори за локалниот масакр, исто така, содржи универзална порака за секое општество што не ги прифаќа „другите“, каде што децата растат во средина со ниска толеранција, со расизам и со предрасуди. Ханан Снир дипломирал театарска уметност на Универзитетот Тел Авив и на Кралската академија за драмски уметности во Лондон, каде што, исто така, предавал и режирал. Од 1990 до 1991 година работел како уметнички директор во театарот „Хабима“. Во 1992 и 1993 година, магистрирал социјална психологија на Универзитетот во Бостон. Предава глума во Колеџот Кибуцим и истовремено е директор на театарот „Хабима“. Неговите дела вклучуваат класична драма, изворна израелска драма, адаптации на новелите на Амос Оз и модерни интернационални драми. Добитник е на наградата Најдобар режисер на годината и Најдобра изведба на „Антигона“ во 2008 година. Номиниран е за Наградата за животно дело, 2015. „Нашиот клас“ е номинирана за Најдобра изведба на годината, 2015.