На денешната прес средба која се одржа во просториите на Центарот за јавно здравје беа презентирани резултатите од анализата на водата за пиење и површинските води од регионот на Охрид, Струга и Дебар за периодот на првото тримесечје од 2013 година, кога се соочуваме со зголемен доток и количество на вода во водните базени.
„Лабораториите на Центарот за јавно здравје за испитување на квалитетот на сите видови на вода се акредитирани по стандардот 17.025, со соодветно решение од институтот за акредитација на Р.Македонија, така да од месец јануари и овој регион, охридскиот регион има акредитирано лабораторија за контрола и подобрување на квалитетот на водите за пиење, површинските води и сите видови на води“. – истакна Сашо Точков, специјалист по санитарна хемија и броматологија во Центарот за јавно здравје Охрид.
Со оглед на ситуацијата која што настана од почетокот на годината, посебно овие последни два месеци со поголеми количини на вода кои што се во дотек во Охридското Езеро, но и самиот речен слив кој што доаѓа во Охридското Езеро, Центарот за јавно здравје на своја иницијатива, а се со цел да излезе во заштита на здравјето на населението како превентивна здравствена установа изврши контрола на квалитетот на водата на површинските води, во крајбрежниот дел на Охридското Езеро на неколку локации.
„Тоа беше направено кај Пумпната станица кај Метропол, каде што се црпи вода за пиење. Еден пункт беше кај кејот, кај плажата Грашница, кај самиот стадион и мерно место кај испустот кај Подмоље, односно кај пумпната колекторска станица во Подмоље. Констатирано е дека на овој северен дел кај Метропол, односно на источниот дел кај Метропол и кај Ројал нема поголеми отстапувања во квалитетот на водата. Водата е од прва и втора класа, но во делот кај Грашница и кај Подмоље квалитетот на водата во Охридското Езеро е со четвртта и петта класа. Пронајдени се и констатирани се поголени количества на амонијак и нитрити во крајбрежниот дел и на едното и на другото место“. – рече Точков.
Kако што напомена Точков сите овие активности што ги прави Заводот ги прави во координција со Проаква. Состојбата на водата за пиење редовно се контролира во охридскиот водовод, охридската водоводна мрежа, струшката и дебарската.
„Во последниве два месеци забележани се одрдени аномалии во однос на матноста на водата, забележлива е поголема матност особено во селските води во Охрид и во Струга и во Дебар, но и дел од градските водоводи.
Сите други индикатори и микробиолошки и хемиски покажале дека водата е здравствено безбедна и квалитетна за пиење. Матноста е физички параметар и претставува индикатор да постапиме кон испитување на некои подлабоки анализи“. – додаде Точков.