Танцување, пеење, детски игри. Публиката на „Охридско лето“ синоќа имаше можност да погледне интересна претстава иако темата што беше опфатена во неа се однесуваше на егзодусот на Евреите во Полска. Актерите од Театарот „Камери“ и Националниот театар „Хабима“ од Тел Авив, Израел, за првпат во Македонија, токму преку фестивалот „Охридско лето“ покажаа дека се ѕвезди на театарската сцена.
Претставата „Нашиот клас“ што ја одиграа во предворјето на „Света Софија“ има исклучително модерен ракопис. Иако во неа е прикажана приказната за уништувањето на Евреите во едно мало село во Полска, всушност таа се однесува на сите војни во светот во кои страдаат луѓето. – Демоните постојат во луѓето. Во нив има ниски страсти кои едвај чекаат да излезат на виделина, посебно во вакви ситуации како што е војната, вели режисерот на претставата Ханан Снир. Приказаната започна со деца во училиште кои се шестгодишни, а потоа, во текот на два и пол часа продолжија да се развиваат сите карактери, се’ до нивната 80-та година од животот.
„Голема привилегија е за еден актер да глуми ролја во пет различни сегменти од шест до 80 години. Имате цел еден живот во 2 и пол часа. Мојата мисија е многу важна во претставата. Ова е вистинска приказна и се што кажувам е навистина случено“, вели актерката Мики Пелег Ротштејн.
„Нашиот клас“ беше прогласена за најдобра претстава во Израел за 2015 година. Театарот „Хабима“ е формиран во 1917 година во Русија, а Театарот „Камери“ неколку години подоцна.