Од утре до 28-ми јули во Трпејца по четврти пат ќе се одржува културно-забавната манифестација „На зајдисонце“ 2015. Организатор на манифестацијата е Здружението „За Трпејца со љубов“ со поддршка на Месната заедница и Црковниот одбор. Манифестацијата и годинава е под покровителство на Општина Охрид.
Според организаторите манифестацијата ја постигнува целта – раздвижување на луѓето во насока на развој на културниот туризам, а истовремено расте и интересот на гостите, токму за време „На зајдисонце “ да се во Трпејца.
На летната сцена „Кај бунарот“ новото издание „На зајдисонце“ во 20 и 30 часот ќе биде отворено со ликовната изложба на дела од академскиот уметник – графичар Павел Целкоски чии родители потекнуваат од Трпејца. Целкоски дипломирал и магистирал графика на Ликовната академија во Софија, Бугарија, а гради и своја интернационална уметничка кариера. Во мигов живее и твори во Софија.
Традиционално „На зајдисонце“ и годинава ќе настапи ансамблот „Билјана“ од Охрид. Младите музичари ќе направат пред промоција на деновиве снименото ЦД со стари и подзаборавени охридски и македонски песни и ора.
Во вторник 21 јули ќе започне Школата за пливање со професор Соња Думбалоска – Делова, а професор Габриела Неделкоска и годинава ќе ја раководи Школата за англиски јазик. Во вечерниот термин од 20 часот и 30 минути ќе биде прикажан документарниот филм „Тајните на Охридското Езеро“, а за сопствените најнови подвизи ќе зборува меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски од клубот „Амфора“.
Во среда на 22 јули – вечерта ќе биде промовиран романот „Митуш“ кој во себе ја крие вистинската приказна за убавата Русе по потекло од Трпејца. Автор на книгата е Божана Атанасова – Митуш. Истата вечер со одбрана евергрин музика ќе настапат младите музичари: Филип, Климент, Лео и Игор.
Следниот ден – четврток, спроти зајдисонце ќе започне школата за цртање со која ќе раководи познатиот охридски уметник Слободан Пупиноски, а вечерта ќе продолжи во ист стил со културниот мост Охрид – Торoнто и најновото претставување на уметникот Мајкл Клос од Канада. Во рамките на воспоставената соработка со „Вевчанското лето“ Мајкл Клос на почетокот од август, годинава својата уметност ќе ја претстави и во Општина Вевчани, а Вевчани во Трпејца во петок на 24 јули ќе се претстави со промоцијата на „Вевчанскиот еротски буквар“ од Сашо Бетоски, а студентот по соло пеење на ФМУ Костадин Костоски од Вевчани ќе отпее неколку популарни оперски арии. Претходно, во петок започнува и Школата за шах која ќе ја раководи Борис Лушески од ШК „Ласкер“ од Охрид.
Во сабота на 25 јули претпладнето ќе се одржи традицоналната кајакарска регата „Номче Митрески“, а вечерта целовечерен настап ќе има КУД „Далги“ при Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца. Ќе настапи и Детското драмско студио „Развигорче“ раководено од Ристана Мојсоска, одделенски наставник во пензија, исто така, при ЗП, а вечерта ќе биде отворена со изложбата на дела од школата за цртање „На зајдисонце“.
Неделата, вечерта ќе биде резервирана за Концертот на Основното музичко училиште „Методи Патче“ – настанот е спонзориран од Фондацијата „Македонија 2025“.
Седмиот ден од манифестацијата „На зајдисонце“ ќе се одржи натпреварот – фаќање риба на јадица, а вечерта магистер Ленче Мојсоска, историчар на уметност во Завод и Музеј од Охрид ќе зборува за фрескоживописот на црквата Света Богородица Захумска.
На свеченото затворање на 28 јули – вторник ќе му претходи традиционалната прошетка по патеката Чоколско, а вечерта ќе биде прикажан играниот филм „Апостолите на словените – двајца браќа една животна мисија“ посветен на светите Кирил и Методиј. Со филмот всушност се воспоставува културниот мост помеѓу Прага и Трпејца.