Ристовски: Трансформиран работниот однос на осум илјади работници во образованието

За период од седум месеци, работниот однос од определено на неопределено го трансформираа 877 лица ангажирани во образованието, истакна денеска заменик-министерот за образовани и наука Спиро Ристовски.

„Заедно, со претходно извршените трансформации на повеќе од седум илјади лица во образованиот систем во Македонија, има околу осум илјади трансформирани работни односи на лица ангажирани во рамки на образовниот систем во Македонија“, рече Ристовски во општина Илинден.

На овој начин, како што посочи, се обезбедува економска сигурност, гаранција и мотив за работа на сите луѓе кои добија решенија за трајно вработување во рамки на образовниот систем.

Согласно измената на Законот за работни односи во 2009 година, потсети Ристовски, трансформацијата на работен однос од определено на неопределено време почна да се врши на лица кои работат најмалку пет години на одредено работно место. Со измената од 2011 година, трансформацијата почна да се врши и на лица со две години стаж на одредено работно место.

Заменик-министерот Ристовски и градоначалникот на општина Илинден Жика Стојановски денеска го посетија основното училиште „Браќа Миладиновци“ во населеното место Миладиновци, каде се одвиваат градежни активности.

„Во летниот период планирано е да се промени покривот, со што ќе се заокружи целиот процес на реконструкција на училиштето. Со поддршка на Владата и на општината досега се изврши реконструкција во внатрешниот дел, промена на прозорци и санитарија. Со општина Илинден инвестиравме 11 милиони денари“, рече Ристовски.

Градоначалникот Стојановски информира дека во ОУ „Браќа Миладиновци“ претходно се доградени две училници и помошни простории или вкупно 200 метри квадратни. Се работи и во подрачното основно училиште „Браќа Миладиновци“ во Текија, каде на 100 метри квадратни се доградува нова училница, помошни простории и тоалети. Во останатите училишта, „Гоце Делчев“ и „Ристо Крле“ се работи интензивно за новата учебна година.

„Со заеднички инвестиции можеме многу да придонесеме во подобрување на условите во образованието и со тоа да ги креваме стандардите во образованието“, рече Стојановски.

Во општина Илинден има повеќе од две илјади ученици, кои учат во три централни и во пет подрачни училишта.