Македонската заедница во Австралија мост меѓу двете земји

Во рамките на работната посета на Собранието на Република Македонија, Почитуваниот Федерик Џон Наил, потпретседател на Парламентот на Нов Јужен Велс, Австралија, оствари средба со Антонијо Милошоски, потпретседател на Македонското собрание и претседател на Комисијата за надворешна политика, како и членовите на Комисијата.

На средбата со Комисијата за надворешна политика, покрај г. Антонијо Милошоски, присуствуваа и членовите: Сашо Василевски, Ѓоко Камчев, Нора Алити и  Александар Николоски.

Претседателот на Комисијата, г. Милошоски, изрази благодарност за посетата и ги потенцираше добрите пријателски односи со Австралија. Притоа, го запозна гостинот со актуелната политичка состојба во нашата земја, вклучувајќи ги договорените избори за следната година, кога ќе се одржат избори и во Австралија. Во тој контекст, потсети дека имало ветувања во минатата изборна кампања во Австралија за употреба на уставното име на Република Македонија, наместо привремената референца и истовремено истакна дека би бил пријателски гест доколку Федерик Џон Наил со својата партија делува во тамошниот Парламент во однос на ова прашање.

Почитуваниот Федерик Џон Наил ги потенцира лично неговите, како и на Христијанско-демократска партија, добри односи со македонската заедница и Македонската православна црква во Австралија. Себеси се претстави како заменик-претседател на Парламентот, политичар и свештеник. Зборувајќи за своите делувања во општествениот, политичкиот и црковниот живот во Австралија, тој ја спомена кампањата и неговите залагања против истополовите бракови.

Присутните се фокусираа и на НАТО алијансата и неможноста на Македонија да стане дел од неа, поради ветото од страна на Грција за спорот со името, иако активно учествува во оваа меѓународнa безбедносна организација и на тој начин од земја која добиваше помош, стана земја која обезбедува безбедност. На ова поле би било добро меѓу македонските и австралиските безбедносни сили во иднина да се овозможи поголема размена на информации и искуства.

Со оглед на тоа што Македонија ја доби пресудата со Грција во Меѓународниот суд на правдата, а јужниот сосед ја игнорира судската одлука уште од ноември 2012 година, беше побарано Австралија, во рамките на своите можности, да лобира оваа одлука да се испочитува и на следниот НАТО самит во јуни 2016 година, Македонија заедно со Црна Гора да бидат вклучени во Северноатлантската алијанса. Членството во НАТО, би било придобивка не само за Македонија, туку и за целиот регион и би овозможило постабилна балканска област.

На крајот, беше заклучено македонската страна да направи листа од точки за прашања на кои Австралија може да ѝ помогне на Македонија, а кои Федерик Џон Наил ќе ги достави до нивниот премиер.

Потпретседателот Федерик Џон Наил исто така оствари средба и со г. Илија Димовски, претседател на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Австралија и членовите на Групата: Зоран Илиоски, Весна Пемова и Вјолца Мехмети- Нуредини.

Претседателот на Пратеничката група,  Димовски, изрази благодарност за покажаниот интерес од страна на Австралија за посетата на Македонија, како и за богатата парламентарна соработка помеѓу двете земји, преку низа посети на високо ниво.

Димовски апелираше низата лични и пријателски односи кои ги имаме со Австралија да се искористат за подобрување на билатералните односи, и во таа насока признавање на Македонија под нејзиното уставно име, како и можноста за либерализирање на визниот режим во поглед на некои интересни групи, како на пример студентите, бизнисмените, со цел нивна размена и меѓусебна соработка.

Потпретседателот Федерик Џон Наил посочи дека му е задоволство што е тука, притоа го истакна значењето на македонската заедница во Австралија како доста силна и активна во австралиското општество, но и поддршката која Австралија ѝ ја дава во сите нејзини активности.

Присутните посочија дека македонската заедница во Австралија треба да биде врска и да ги зголеми контактите помеѓу двете земји, да се зацврстат културните, образовните врски преку стипендирање и размена на студенти, а во иднина преку бизнисот и економските врски.

Беше истакнато дека мултиетничиот карактер на австралиското општество е добар пример и за градење на македонското општество.

avstralija2m