Општина Охрид денеска доби на подарок 16 одбројувачи за семафори од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата кои битно ќе допринесат во зголемување на безбедноста во сообраќајот низ охридските улици.
Градоначалникот Никола Бакрачески заблагодарувајќи се за добиената донација посочи за нејзината важност пред се за безбедноста на пешаците во сообраќајот.
„Претпоставувам дека ова ќе биде една од првите иницијативи, вакви одбројувачи по теркот на она што Западноевропските општества го практикуваат да бидат поставувани на семафорите коишто служат за прегледност на пешаците на пешачките премини. Значи поинаку од она што досега беше пракса во Р. Македонија, односно да се поставуваат одбројувачи на семафорите на коловозните ленти а кои се однесуваат на возилата“, – рече градоначалникот Никола Бакрачески кој се осврна и на низата активности кои Општина Охрид ги презема во насока на непречен и безбеден сообраќај а од кои дел се во тек а дел ќе се реализираат наредниов период.
„Меѓу нив се изградбата на пет кружни текови. Два од нив ќе бидат финансирани со средства од Светска Банка. Едниот од тие два кружни токови е готов и е на пресекот меѓу улиците „Туристичка“ и „Бистрица“. Два кружни текови ќе се градат на пресекот од улиците „Македонски просветители“ и „Туристичка“ од кои едниот започнува да се гради во месец септември. Со средства од буџетот на Општина Охрид ќе бидат изградени уште три кружни текови. Едниот е на пресекот на улиците „Туристичка“ и „Јане Сандански“ другиот ќе биде на улица „Туристичка“ со „Абас Емин“ и третиот на пресекот на улиците „Туристичка“ со „Стив Наумов“. Во Општина Охрид неодамна се формира Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата. Во насока на непречен и безбеден сообраќај и почитување на сообраќајниот режим , заеднички со Секторот за внатрешни работи од Охрид преземаме низа координативни мерки со цел да се отстранат сите неправилности во сообраќајот во Охрид“. – подвлече градоначалникот Бакрачески.
Претседателот на Републичкиот совет за безбедност, Стојче Стаменковски рече дека настанот треба да даде пример и поттик за останатите општини во Република Македонија за засилување на нивниот ангажман во насока на поголема безбедност на сообраќајот на локално ниво.
„Важно е да истакнеме дека ова лето во Охрид за среќа немаме жртви во сообраќајни несреќи и се надеваме дека со ваквите и активностите кои што ќе ги преземаме во наредниот период таа тенденција ќе продолжи и понатаму во текот на месец август. Особено важно е да нагласиме дека во заедничката дискусија со градоначалникот Бакрачески ги утврдивме оние критични места односно црни точки кога е во прашање сообраќајот и заеднички се договоривме дека соработката не завршува тука. РСБСП во наредниов период ќе донира и семафори во Општина Охрид кои ќе бидат поставени на најкритичните точки на улиците во градов. Во оваа прилика јас јавно сакам да се заблагодарам на Општина Охрид и на градоначалникот Бакрачески за соработката и за придонесот кои тие го даваат во насока на побезбеден сообраќај на патиштата во градов“, – рече Стаменковски.
Одбројувачи за семафори во Охрид веќе се поставени на две раскрсници на пресекот на улиците:„Туристичка“ со „Јане Сандански“и на пресекот на „Туристичка“ и „Македонски просветители“.
Во текот на месец јули годинава во Охрид не се забележани сообраќајни незгоди со жртви за разлика од истиот период лани кога во Охрид се регистрирани три сообраќајни незгоди со вкупно четири жртви.