Блондел: Идејата за „Антоние и Клеопатра“ ја добив пред три години на „Охридско лето“

Под отвореното небо на сцената „Долни Сарај“, Битолскиот народен театар вечерва на „Охридско лето“ ќе ја одигра театарската претстава „Антоние и Клеопатра“, на текст од Вилијам Шекспир, а во режија на Џон Блондел. 

Народниот театар од Битола како што кажа директорот на оваа национална установа Благој Мицевски, традиционално учествува на „Охридско лето“ и со задоволство ги игра претставите пред фестивалската публика.

„Со задоволство вечерва ќе имаме можност пред публиката во Охрид на Долни Сарај да ја прикажеме нашата најнова претставата „Антоние и Клеопатра“. Во превод на Драги Михајловски првпат ќе се изведува на македонски јазик и во режија на нашиот пријател и гостин од Америка, од Санта Барбара, Калифорнија, Џон Блондел. Битолскиот театар традиционално учествува на „Охридско лето“ и сме имале претстави на најразлични локации. Првпат играме на оваа локација која синоќа на нашата генерална проба се покажа како извонредно место за претставата која сакаме да ја прикажеме, изјави Мицевски. Адаптацијата и режијата на претставата „Антоние и Клеопатра“ ги направи американскиот режисер Џон Блондел кому ова не му е прво гостување на „Охридско лето“. Како што кажа тој, идејата за оваа претстава ја добил токму на фестивалот „Охридско лето“ во 2012 година кога учествуваше со „Хенри Шести“. -Задоволство ми е што сум вторпат сум во Охрид . Првиот пат бев со „Хенри Шести“ во 2012 година. Кога дојдов првиот пат со Битолскиот театар, добив идеја следниот пат да се вратам со претставата „Антоние и Клеопатра“. И навистина се вратив пак со „Антоние и Клеопатра“ токму на местото каде што ја добив идејата за оваа претстава. Премиерата на оваа претстава се одржа во средата во Битола и таа беше многу добро прифатена од страна на публиката“, рече Блондел.

Според него,  „Антоние и Клеопатра“ е најкомплексна и најкомплицирана  театарска претстава за изведување и една од најголемите трагедии заедно со „Кралот Лир“ „Магбет“ и „Отело“. -Во сите три сцени,  претставата  изведена на англиски јазик трае четири часа.  Моравме да го скусиме сижето и се сконцентриравме на улогите на Клеопатра, Антоние и Аурелие Цезар.Кога го играте Шекспир имате две ѕвезди. Првата е Шекспир, а втората е актерскиот ансамбл,  појасни Блондел кој додаде дека синоќа на генералната проба се уверил дека Долни Сарај е прекрасна сцена за една ваква изведба. 

Улогата на Клеопатра во оваа извонредна шекспирова трагедија напишана во 1606 година ја игра актерката Валентина Грамосли зад која стојат повеќе женски шекспирови ликови, меѓу кои и ликот на Јулија во претставата „Ромео и Јулија“. 

„Нашиот театар со големо задоволство секоја година доаѓа на фестивалот „Охридско лето“. Пресреќна сум затоа што годинава доаѓам во мојот роден град Охрид со ликот на Клеоптара којшто е многу необичен и посебен и кој секоја глумица би посакала да го игра. Клеопатра ја вбројувам во опусот на моите многубројни улоги издвојувајќи ја и Медеја која беше премиерно одиграна на „Охридско лето“ и за која ја добив наградата „ Златната маска“. Пред 20 години како премиера на „Охридско лето“ ја изведовме „Ромео и Јулија“ во која првите Ромео и Јулија бевме јас и мојот колега Петар Горко. И по 20 години вечерва двајцата повторно ќе се претставиме пред охридската публика, но овој пат како Антоние и Клеопатра. Синоќа на пробата, ансамблот уживаше. Ќе уживаме и вечерва, а се надевам дека и публиката ќе ужива во нашата изведба“, нагласи Грамосли. „Антоние и Клеопатра“ ги прикажува опојните ефекти на моќта и копнежот, и хронолошки ги запишува сеизмичките поместувања кои се случуваат во поголем дел од цивилизираниот свет во последните години на финалниот милениум пред нашата ера.

Претставата ќе се одигра со почеток во 21 часот.