Комплетна реконструкција и нова опрема во клиниката „Св. Наум Охридски“- Скопје

Со реконструкција, според најсовремени стандарди и со набавка на нова медицинска опрема се заокружува целата инвестиција во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“- Скопје. Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров.

„Ќе инвестираме околу 140 милиони денари или околу 2,3 милиони евра во комплетна реконструкција на внатрешноста на установата и за набавка на нова медицинска опрема за хируршките сали и за Центарот за изгореници“, рече Тодоров.

Отпочнавме, како што посочи, постапка за набавка на нова медицинска опрема за Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во вредност од над 53 милиони денари. Најголем дел од опремата се очекува да биде набавен и ставен во функција до крајот на март 2016 година.

Министерот за здравство информира дека станува збор за опрема за ендоскопски и лапароскопски интервенции, како и опрема за зајакнување на капацитетите на Центарот за изгореници.

„Околу 35 проценти од вкупниот број хируршки интервенции што се вршат на оваа Клиника се ендоскопски интервенци (лапароскопски, артроскопски, колоноскопски и гастроскопски). Базичната опрема за овие интервенции е набавена уште пред 17 години и во најголем дел е скоро амортизирана, дотраена и често во дефект, што дополнително ја оптоварува установата, а понекогаш е причина за откажување на некои интервенции“, појасни Тодоров.

Според податоците од системот „Мој термин“, се бележи тренд на зголемување на бројот на креирани упати за овие специјалности.

„Во областа урологија, бројот на креирани упати во првата половина од годинава е за 23 отсто зголемен во однос на првата половина од минатата година“, рече Тодоров.

Во рамки на набавката на нова медицинска опрема за потребите на оваа установа ќе се набави ендоскопски систем за абдоминална и лапароскопска хирургија, ендоскопски систем за урологија со биполарен ресектоскоп, ендоскопски систем за артроскопија и систем за гастроскопија и колоноскопија.

„Целта е со новата медицинска опрема да се зајакнат капацитетите на установата, да се редуцираат упатувањата кон останатите универзитетски клиники, а клиниката да прерасне во еден регионален центар за ендоскопска и и лапароскопска хирургија во Македонија. За таа цел веќе четворица доктори од оваа установа се обучени за напредни ендоскопски и лапароскопски процедури, во реномирани медицински центри во Париз, Валенсија, Словенија, Бугарија и Турција“, рече Тодоров.

Нова опрема ќе се набави и за Центарот за изгореници, која се состои од систем за воздушно флиудизирано лекување на изгореници и други рани. За Одделението за ортопедија се обезбедуваат артроскопски ортопедски трауматолошки стол со сите додатоци, две операциски светла и држач за тело.

Тодоров потсети дека на почетокот на овој месец Министерството за здарвство објави тендер за темелна реконструкција на Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“-Скопје.

Ќе се реновира оперативниот блок, ќе се изгради дополнителна асептична операциона сала, ќе се реконструира одделот за интензивна нега и просторот за реанимација на пациентите, како и покривот, а ќе се постави уште еден лифт. Ќе биде изведена комплетна реконструкција на влезот на Итната медицинска помош, со поставување настрешница, а ќе биде направена и замена на старите со нови гранитни плочки. Се предвидува во сите болнички соби изведба на тоалети и најсовремен систем за довод на медицински гасови.

„Станува збор за инвестиција вредна 85 милони денари, а изведбата очекуваме да почне во текот на идниот месец. Рокот е 120 дена, од кои 45 дена во установата нема да се извршуваат интервенции и таа ќе биде комплетно ќе биде затворена, а пациентите ќе бидат пренасочени во другите јавни здравствени установи во Скопје. Докторите ќе ги извршуваат должностите на универзитетските клиники, во ГОБ „8 Септември“ или преку проектот Дисперзирана клиника и во други градови низ Македонија, ако изразат желба за тоа“, додаде Тодоров.

Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“- Скопје опслужува над 220.000 пациенти годишно и таму се изведуваат околу 4.000 операции годишно. Таа јавна здравствена установа внатрешно не била реновирана повеќе од 80 години, а во 2002 година е поставена нова фасада.