Битолскиот народен театар ги долови опојните ефекти на моќта и копнежот преку трагедијата „Антоние и Клеопатра“

Традиционалните гости на „Охридско лето“, актерите од Битолскиот народен театар синоќа ја донесоа шекспировата трагедија „Антоние и Клеопатра“ на 55-тото фестивалско издание. Публиката уживаше во извонредната актерска игра на Валентина Грамосли и Петар Горко кои многупати досега ги имаат играно ликовите од драмите на Вилијам Шекспир.

„Пред 20 години како премиера на „Охридско лето“ ја изведовме „Ромео и Јулија“ во која првите Ромео и Јулија бевме јас и мојот колега Петар Горко. И по 20 години двајцата повторно ќе се претставивме пред охридската публика, но овој пат како Антоние и Клеопатра“, рече Грамосли.

Режијата и адаптацијата на претставата е на американскиот режисер Џон Блондел кој синоќа беше воодушевен од сцената Долни Сарај каде што се изведе претставата. Иако како што рече, таа во Битола се одигра помеѓу стакла, сепак успешно се вклопи под отвореното охридско небо.

„Антоние и Клеопатра“ е најкомплексна и најкомплицирана театарска претстава за изведување и една од најголемите трагедии заедно со „Кралот Лир“ „Магбет“ и „Отело“. Во сите три сцени, претставата изведена на англиски јазик трае четири часа. Моравме да го скусиме сижето и се сконцентриравме на улогите на Клеопатра, Антоние и Аурелие Цезар“, рече режисерот Блондел кој настапи на „Охридско лето“ и во 2012 година со претставата „Хенри Шести“. Всушност овде, на овој фестивал ја добив и идејата повторно да се вратам со шекспировата трагедија „Антоние и Клеопатра“, додаде тој.

„Антоние и Клеопатра“ ги прикажува опојните ефекти на моќта и копнежот, и хронолошки ги запишува сеизмичките поместувања кои се случуваат во поголем дел од цивилизираниот свет во последните години на финалниот милениум пред нашата ера.