Хаџи-Николов: Охрид после Скопје е град каде најмногу сум ги изложувал моите слики

Македонскиот сликар Стефан Хаџи-Николов синоќа во рамки на фестивалот „Охридско лето“ ја отвори својата 60-тата самостојна изложба под наслов „Светлина од минатото“. Како што истакна Никола Николовски, историчар на уметност и кустос во Заводот за заштита на спомениците и музеј во Охрид, Стефан Хаџи-Николов има оставено посебен печат врз уметноста во Република Македонија во последните три децении.

„Со неговиот особен талент и со неговиот прекрасен пристап кон уметноста, како и преку неговите изложби се има наметнато како на македонската публика, така и на публиката во околните земји“, рече Николовски.

Уметникот Хаџи-Николов истакна дека Охрид, за него како уметник значи многу, а доказ за тоа е што и неговата 60-та самостојна изложба ја организира токму овде.

„Охрид после Скопје е град каде што најмногу сум изложувал. Мојата прва изложба во Охрид беше во 1988 година. Во 2000 година изложував во Куќата на Уранија, во 2009 и во 2015 година во Куќата на Робевци. Се обидов да донесам дела кои сум ги работел последните неколку години и кои не се изложувани никогаш во Охрид, а повеќето од нив ниту во која било галерија.Оваа изложба е всушност пресек на моето повеќедецениско творештво“, рече уметникот Хаџи-Николов. Триесеттината слики работени во техника масло на платно ќе бидат достапни за јавноста до 5.август.

Изложбата е отворена во Куќата на Робевци во рамки на фестивалот „Охридско лето“.