Седмиот ден од манифестацијата „На зајдисонце“ во Трпејца помина во знакот на целовечерниот концерт на Основното музичко училиште „Методи Патче“ спонзориран од „Македонија 2025“.
„Соработката помеѓу ОМУ „Методи Патче“ и „Македонија 2025“ започна пред три години на Инвестицискиот самит одржан во Охрид. Во катедралната црква „Света Софија“ младите охридски музичари одржаа свечен концерт за сите учесници на самитот, по што следната година следеше уште еден донаторски концерт од кој музичкото училиште доби чек во вредност од 5300 американски долари за набавка на нови инструменти. Концертот во Трпејца е наша благодарност за сите донатори кои застанаа зад идејата на „Македонија 2025“,“ – изјави за „Публицитет.мк“ директорката на Музичкото и претседателка на Здружението „За Трпејца со љубов“ м-р Нина Момировска.
Во името на фондацијата пред концерот присутните и музичарите ги поздрави Јорданка Кацарска, програмски менаџер во „Македонија 2025.
„Среќни сме што донацијата отиде во вистински раце. Ние и натаму ќе работиме на поддршка на младите музичари, но и на се’ што е прогресивно во Македонија. Првпат сме на манифестацијата „На зајдисонце“ концептот и енергијата која ја забележавме воодушевува. Тука сме и во иднина да соработуваме,“ – рече Кацарска.
На концертот на летната сцена во Трпејца настапија: Петар Гогов – кларинет, Јана Гогова – гитара, Никола Гогов- хармоника, Димитар Гаврилоски – виолина, Кристина Љушкоска – флејта, Игор Климоски – хармоника, Габриел Наумоски – виолина, Александар Грунчески – виолина и Филип Гаврилоски – хармоника. Сите тие се добитници на награди на државно и меѓународно ниво.