Македонија по петти пат рангирана во групата држави ТИЕР 1

Министерството за внатрешни работи го поздравува најновиот извештај на Стејт Департментот посветен на трговијата со луѓе во кој Република Македонија по петти пат е рангирана во групата земји кои ги исполнуваат стандардите за справување со оваа појава.

„Фактот дека Македонија остана лидер во регионот, за нас како Министерство, но и за Националната комисија за борба против трговијата со луѓе, во која партиципираме, значи обврска за сериозна анализа на извештајот и постапување по препораките.“– велат од МВР.

Во овој 15-ти извештај по ред, Република Македонија остана единствената земја од поширокиот регион која е рангирана меѓу 31 земја кои се наоѓаат во групата ТИЕР 1.

„Минатата година во оваа група освен Македонија беше и Словенија која сега е сместена во групата ТИЕР 2, така што сега сме рангирани во иста категорија со Австрија, Германија, Данска, Финска, Франција, Чешка, Канада, Норвешка, Холандија, Белгија, Швајцарија, Шведска и други. Сите наши соседи, како и останатите земји во регионот се рангирани во групата ТИЕР 2, односно земји кои не ги исполнуваат целосно стандардите, додека Бугарија е сместена во рамки на посебната листа од оваа група. Ваквото рангирање, за нас претставува верификација на уште едно значајно постигнување на нашата земја и јасна потврда за нашиот континуиран ангажман и посветеност во справувањето со овој облик на организиран криминал.“– велат од МВР.

Во извештајот се нагласува покренувањето истрага против седуммина полициски службеници поврзани со ваков вид на криминал и покренувањето на обвинение, вклучувајќи ја и пресудата против четворица. Исто така се потенцира и зголемувањето на средствата за помош на жртвите на трговијата со луѓе, како и идентификувањето на првата жртва која била присилена на питачење, иако вкупниот број на идентификувани жртви е намален. Во извештајот се посочени сите 7 идентификувани жрвти меѓу кои и три кои биле принудени сексуална експлоатација и три на трудова експлоатација. Владата за нивна заштита потрошила 183 000 долари или 80 000 долари повеќе во однос на претходната година.

„За нас сеуште е предизвик фактот дека Македонија останува како земја извор, транзит и дестинација на мажи, жени и деца кои се принудени на сексуална и трудова експлоатација. Според извештајот македонските жени и девојки се предмет на сексуална и трудова експлоатација во ресторани, барови и ноќни клубови во земјава. Децата, пак, главно од ромската популација, преку нивни роднини се сексуално експлоатирани преку таканаречените принудни бракови. Жртвите во Македонија главно доаѓаат од Источна Европа или земјите од соседството, додека македонските државјани се жртви на сексуална или трудова експлоатација во земјите од Јужна, Централна и ЗападнаЕвропа.“- додаваат од МВР.

vnatre2