Коњановски: Фотографиите на Рудиќ будат асоцијации на совршенство, спокој и убав сон

Еден од доајените на македонската фотографија и еден од најпознатите современи уметници во Македонија, Боро Рудиќ синоќа претстави дел од своите фотографии преку изложбата „Настанување –исчезнување“ што беше отворена во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Отворајќи ја изложбата, претседателот на Фото-клубот „Охрид“ Лазар Коњановски рече дека авторот преку оваа негова последна изложба доловува дел од пејсажите кои човек никогаш не би ги доживеал освен на оваа изложба, и тоа, преку посебен агол и со посебна светлина.

„Ако се занимавате со фотографија веднаш ќе препознаете неколку факти. Колку знаење од фотографска техника треба да се има за да се направат овие фотографии вака совршено. Истовремено врвната техника да се скроти за да не избега од границите на она што се нарекува уметност. Ќе препознаете колку упорност и ентузијазам треба да се има за да се биде во тие моменти на така осамени но прекрасни места и колку изграден уметник треба да сте за да ги замислите и реализирате овие композиции“, потенцира Коњановски.

За фотографиите на Рудиќ, тој рече дека се полни со позитивна енергија и оти будат асоцијации на совршенство, спокој и убав сон кој се помни цел живот, поради што, како што додаде, со право ја носи највисоката титула на Фото-сојузот на Македонија „Мајстор на фотографија“.

Boro_Rudic_publika (1)

„Рудиќ е претседател на Фото-сојузот на Македонија веќе долги години. За време на неговото претседателствување како никогаш досега се обединија фотографиите од цела Македонија и македонската фотографија повторно ги живее своите светли денови. Автор е на 15 самостојни изложби во земјава и странство. Учествува во 250 групни изложби при што има освоено околу 50 награди. Освен со уметничка фотографија, Рудиќ работи на пропагандната фотографија и фото-дизајнот така што е соработник на сите врвни рекламни агенции во Скопје. Неговите фотографии се дел од многу монографии и книги. Директор е на 30-тина музички и рекламни спотови“, потсети Коњановски.

Уметникот Боро Рудиќ дипломирал на Електротехничкиот факултет во Скопје. Роден е 1954 година во Скопје.Меѓу другите награди и признанија, добитник е и на највисоката светска награда за реклама „Златен лав“ во Кан.

Boro_Rudic_posetiteli