Во рамките на традиционалоната вечер на Европска унија на фестивалот Охридско лето, во црквата Св. Софија, незаборавен настап имаше словенското трио составено од врвните уметници, Мојца Злобко Вајгл (харфа), Ева Нина Козмус (флејта) и Кармен Печар (виолончело).
„Со особено интересниот избор на програма, преку впечатливите изведби на овие сјајни уметници, тие покажаа што значи врвно камерно музицирање. Брилијантните уметници сплотувајќи ја својата индивидуалност во извонреден камерен звук, и дарија на публиката многу емоција, топлина и им ја разгалија душата на присутните. Задоволната публика ги награди со многу аплаузи, а тие возвратија со бисови“, изјави селекторката на музичкиот дел од програмата Гордана Јосифова Неделковска.
Харфистката Мојца Злобко Вајгл, една од водечките музичари во Словенија, со богата интернационална кариера како солист и како камерен изведувач вели дека почестена што повторно настапува во Македонија.
„Многу ми е драго и многу сум почестена што денеска настапив во оваа чудесна црква Св. Софија во Охрид. Ова е втор пат да настапам во Македонија. Првиот пат настапив со Илија Зимбо, со флејтистот кој за жал почина многу млад, голема чест е да се настапи со врвните уметнички како Ева-Нина Козмус и Кармен Печар. Трите не поврза една осетлива женска енергија, па според тоа и ја избравме програмата со која настапивме вечерва. Јас изведов соло еднa композиција од словеначки композитор, Primovsh Ramovsh кое е напишано за мене и со задоволство го изведувам секаде каде што настапувам во светот. Другите дела од вечерашниот репертоар се конципирани од две композиции за виолончело и харфа, две композиции за флејта и харфа како и неколку композиции за трио: флејта, виолончело и харфа, сонатина од Морис Равел, два интерлудии од Жак Ибер и Серенада од Алфред Оелшлегел“, вели, Злобко Вајгл.
Според неа програмата на овогодинешниот фестивал Охридско лето е врвна а Фестивалот еден од водечките во Европа.
„Одлична програма имате и многу ми се допаѓа. Сметам дека Фестивалот Охридско лето е еден од најодличните фестивали во Европа и искрено посакувам Македонија и Охридско лето и во иднина да ја збогатат културата на Европската унија“, смета Злобко Вајгл. Виолончелистката Кармен Печар исто така вели дека е среќна што настапува на Охридско лето.
„Многу сум среќна што вечерва имав можност да настапам во Охрид. Голема чест е да се настапи во оваа прекрасна црква со неверојатна енергија која и на нас ни даде посебна инспирација за вечерашниот концерт. Многу ми се допаѓа програмата на фестивалот. Имате доста настапи и навистина многу познати имиња кои настапуваат. Ви честитам од срце, вели Печар. Младата флејтистка Ева-Нина Козмус која за себе вели дека „живее за музиката“ изјави дека е воодушевена од црквата и нејзината акустика. Ја саум многу среќна што сум тука. Многу ми се допаѓа самото место, езерото а посебно црквата. Се одишува со една посебна енергија, дури и публиката ширеше радост за време на концертот. Ви благодарам многу на ова искуство. Посебно сум радосна да настапам повторно со Кармен и Мојца. Мислам дека имаме една убава женска енергија, но овој пат настапивме со малку поинаков репертоар. Интересно беше што Мојца одсвире композиција од словеначки композитор. Посебен впечаток на концертот ми остави црквата и звукот на целиот репертоар во неа во кој целосно уживав,“ вели Ева-Нина Козмус.