Во Античкиот театар, на 1-ви август , сабота концерт на Стефан Миленковиќ и Марко Хатлак, кој со сигурност ќе биде голема атракција на Фестивалот. Голема енергија, музички набој и интегритет, ентузијазам и страст, импровизација… се е тоа Танго Компас. Она што ќе претставува вистински ексклузивитет на вечерта е тоа што Миленковиќ покрај своето свирачко мајсторство публиката ќе има можност да го види и како врвен танчар.
Селекторката на музичкиот дел од програмата Гордана Јосифова Неделковска најавува дека покрај квалитетниот избор на врвни уметници кои ја сочинуваат фестивалската програма и оваа година за пошироката публика ќе има неколку настани на сцената на Антички театар кои претставуваат голема атракција и вистински ексклузивитет.
„Нашиот добар познаник и секогаш со задоволство слушан уметник, виртуозниот српски виолинист Стефан Миленковиќ, повторно доаѓа во Македонија, но овој пат заедно со словенскиот хармоникаш Марко Хатлак со кој го основале дуото „Танго компас“. Македонската публика до сега, не само во Охрид, многупати имаше можност да се запознае со Стефан Миленковиќ. Дури уште од времето кога беше нарекуван „чудо од дете“ и кога како таков ги воодушевуваше љубителите на музиката низ целиот свет. Подоцна овој мајстор на виолината разви исклучителна концертна активност настапувајќи со најреномираните светски оркестри и музички уметници. Има издадено голем број носачи на звук а значајна е и неговата хуманитарна работа. Пред неколку години, со Марко Хатлак ги здружија силите и нивната страст кон танго музиката, што резултираше со основање на дуото „Танго компас“. Досега направиле серија успешни концерти заедно, а минатата година ја започнаа и својата соработка со пијанистот Марко Чрнчец и контрабасистот Лука Херман Гајзер. Заедно со нив на концертот ќе настапи и вокалистката Ана Бежјак“, вели Јосифова Неделковска.
Според неа концертот на „Танго компас“ ќе биде нешто ново и свежо за фестивалската публика.
„Ако пред неколку години го имавме незаборавниот настан на Стефан Миленковиќ заедно со Влатко Стефановски, концерт за кој сеуште се зборува, во овој проект публиката може да очекува еден интересен пресек на танго од стари мајстори преку модерни како пјацола, па се до некои дела кои ќе ги изведат премиерно, кои се напишани за нив – сето тоа претставено на нивен начин кој е комбинација на нивните музички искуства (класика, џез и етно). Несомнено ова ќе биде несекојдневен настан кој не смее да се пропушти“, вели селекторката на музичкиот дел на Охридско лето Јосифова Неделковска.