Во текот на вчерашниот ден издадени 633 потврди за барање азил

Изминатиов ден, врз основа на измените и дополнувањето на Законот за Азил, Министерството за внатрешни работи издаде 633 потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање право на азил во Република Македонија на странските државјани кои илегално влегле на нашата територија.

Во периодот од 19.06.2015 до 30.07.2015 година во 08,00 часот, издадени се потврди на вкупно 22.208 странски државјани, од кои, 16.109 се од машки пол, 2.949 се од женски, 2.953 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 197 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.

Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-16.479, потоа Авганистан-1.748, Ирак-1.222, Пакистан-774, Сомалија- 473, Палестина-415, Конго-278, Камерун-127, додека останатите се во помал број.

Од започнувањето на издавањето на потврдите до 30.07.2015 година до Одделението за азил се поднесени 41 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда , при што 31 барања се од државјани на Сирија за азил од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан, по две барања од државјани од Мароко, Алжир и Ирак (едно од барањата е за деца) и едно барање од државјанин на Египет.

Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 30.07.2015 година се евидентирани вкупно 9 баратели на азил, сите мажи.

Од вкупниот број на баратели на азил кои се присутни во ЈУ Прифатниот центар, не се евидентирани баратели на азил со повреди, бремени барателки на азил и малолетни лица без придружба на старател.

Во однос на активностите на мобилните тимови на Црвен крст на ден 29.7.2015, до 18.00 часот, укажаа прва помош на вкупно 100 лица, од кои 6 трудници и 14 деца. Од вкупниот број интервенции, 67 беа извршени на железничката станица во Гевгелија и 33 интервенции на железничката станица Табановце.

Три годишно дете поради висока температура е транспортирано до гевгелиската општа болница, каде е под медицински надзор.

До 18.00 часот екипите дистрибуирале:

• 456 шишиња вода
• 57 пакети за жени
• 64 пакети со храна
• 56 пакети за мажи
• 62 пакети за самопомош
• 14 пакети за бебе.