Претседателот Ѓорѓе Иванов денеска се обрати на централното чествување на Денот на Републиката, 2-ри август на Мечкин Камен во Крушево. Тој рече дека нишката што ги поврзува сите наши Илиндени, е повикот за единство за остварување повисока цел.
Интегрално го пренесуваме говорот:
„Денес, на ден Илинден, од херојско Крушево, ви го честитам најголемиот македонски празник. Празник на светлината, празник на слободата.
На Илинден покажавме дека сме народ достоен за слобода. Павел Шатев рече дека „вооруженото востание што се крена на ден Илинден, е најсветол датум и настан, бидејќи во востанието беше изразено единството на македонскиот народ”.
На 2 август 1918 година, тука, во Крушево, д-р Христо Татарчев, истакна дека: „Крушево беше првата придобивка – прогласен за слободен град на слободна Македонија… Илинденското востание ја постави основата на слободна Македонија”.
25 години подоцна, повторно на 2 август, на Преспанското советување, Кузман Јосифовски-Питу истакна дека „споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да свети пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја, да створат сè од себе за остварување на еден нов, последен и победоносен Илинден…”.
Во нашата ослободителна борба сме се соочувале и со помоќни армии, и со побројни противници. Но, најголемиот наш предизвик било нашето единство.
Кога некој сакал да ја поткопа македонската ослободителна борба, со пропаганди сеел семе на кавги, поделби и предавства. Низ целата наша историја, разединетоста била најкревката нишка на Македонија. Сепак, во неколку историски мигa, народот на Македонија успеал да ги отфрли поделбите и да биде во слога. Тие светли мигови се трите наши Илиндени. А, на тие Илиндени им претходеле и им следувале нашите манифести.
Секогаш кога сме се наоѓале на крстопат ние сме се соочувале со изборот меѓу животот и смртта, меѓу занданата за робови и слободната татковина на слободните луѓе, меѓу нетрпеливоста и соживотот. И при секоја голема пресвртница сме имале манифест како патоказ што ќе ни помогне да го избегнеме лажниот, а да го избереме вистинскиот пат.
Првиот македонски манифест е израз на последен повик, последно ѕвоно што треба да ја пробуди секоја заспана македонска душа.
„Овој момент е клучен за Македонија. Ова е прашање на живот или смрт”, се повикува во Манифестот на Привремената влада „Единство” од 23 март 1881 година. Манифест што е издаден во време кога се верувало дека постои опасност Македонија да биде распарчена, а народот да биде збришан. Уште тогаш на Македонците, Албанците, Турците, Власите, Евреите им било јасно дека само со ЕДИНСТВО можеле да ја извојуваат слободата.
Вториот македонски манифест е израз на желбата за слободна Македонија во која сите нејзини жители, без разлика на народност и вера, ќе можат да живеат како браќа и соседи. Крушевскиот манифест од 1903 е манифест на соживот, заемно помагање и ЕДИНСТВО во време на неволја.
А неволји имавме многу. И во ропство и во слобода, и во војна и во мир, многумина се обидувале да шират омраза меѓу чедата на Македонија, кои го слават Бога во различни храмови и зборуваат на различни јазици. И сè уште се обидуваат, а на тоа неодамна не потсети и Куманово.
Третиот македонски манифест е манифест на помирување.
Со Балканските војни и Првата светска војна конечно се распрснаа илузиите на македонските дејци дека слободата може да биде измолена, а не изборена. Дека слободна Македонија може да биде подарена, а не освоена.
Затоа, на 15 мај 1924 во Виена, гледајќи дека само сплотени можат да се изборат за Македонија, дотогашните противници си подадоа рака на помирување и повикаа на формирање на ЕДИНСТВЕН македонски револуционерен фронт.
Мајскиот манифест е манифест на помирување и на сплотување на идеолошките противници, на левичарите и десничарите, на комунистите и конзервативците, на социјалистите и анархистите, кои имале различни идеологии, но само една ЕДИНСТВЕНА партија, а тоа е слободна Македонија.
Четвртиот македонски манифест беше прокламиран на државотворниот АСНОМ.
Со Втората светска војна, кога по четврти пат во 30 години, Македонија беше окупирана и поделена, настапија најтешките години на македонскиот народ, кој беше експлоатиран, затворан, мачен, негиран, асимилиран…
Но, од таа тешка стварност повторно оживеа револуционерната традиција на Илинден. Народот се вдаде во немилосрдна борба против фашизмот која истовремено беше и праведна борба за слобода.
Затоа, на 2 август 1944 година Манифестот на АСНОМ прокламира дека: „од тешките борби и пролеаната крв на најдобрите македонски синови излегува денес првото Народно собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел свет полната национална слобода на македонскиот народ во ПРВАТА СЛОБОДНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА”.
АСНОМ беше блесок на државотворната волја на народот на Македонија. Но, целосната сувереност беше одложена сè до 8 септември 1991 година кога го имавме нашиот трет, и кога конечно станавме свои на своето.
Почитувани сограѓани,
Само десет години по третиот Илинден, повторно се најдовме на крстопат. И кога решивме да свртиме нова страница на соживот и почитување, повторно излеговме со манифест.
Тој Македонски манифест беше дело на човекот кој умееше најдобро да го долови македонскиот дух. Многу добро се сеќавам на денот кога Петре М. Андреевски се нафати да го напише новиот манифест на новата генерација. Тоа е Манифестот на опстојувањето.
Во него, тој нè потсети дека сме имале и безброј буни и востанија, сме имале и многу погубени воини, но не и победени. Дека сме имале и многу ослепени војници, но не и слепи духовни видици.
Нè потсети, но и нè предупреди да ги зарамниме веќе еднаш длабоките бразди на делби и омраза, бидејќи во омразата никој нема ни иднина, ни надеж… и дека само здружени и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни.
Драги сограѓани,
Нишката што ги врзува сите наши манифести и сите наши Илиндени е повикот за ЕДИНСТВО за остварување на повисока цел.
За илинденците, таа повисока цел била слободата.
За АСНОМЦИТЕ, тоа била државноста.
За нас, тоа беше независноста и сувереноста.
А за нашите деца, за младите, тоа е напредокот и благосостојбата на европска Република Македонија.
Но, денес се однесуваме како да ја заборавивме лекцијата што толку скапо нè чинеше. Како да заборавивме дека, сè што сме оствариле, и слободата, и државноста и независноста, сме го оствариле тогаш кога сме биле сплотени. Но, исто така, дека сè што сме изгубиле, секоја перспектива, можност и шанса, сме ја изгубиле тогаш кога сме биле разединети.
Денес Македонија одново се наоѓа пред голема пресвртница.
Иако слободна, Македонија како сè уште да им робува на поделбите.
Иако независна и суверена, Македонија решенијата за внатрешните прашања сè уште ги бара надвор од неа.
Иако обединета во етничката и во верската различност, Македонија сè уште е политички длабоко поделена.
Почитувани сограѓани,
Знаеме дека разединетоста е последица и на блокираните европски и евроатлантски интеграции. Долгогодишната блокада доведе до тоа за само шест години да имаме три политички кризи, секоја посериозна и подлабока од претходната. И со секоја криза, сè повеќе се доведуваше во прашање остварувањето на повисоките цели.
Врвните стратегиски цели на Република Македонија се членството во НАТО и во Европската унија. Над 80% од граѓаните недвосмислено го поддржуваат членството на Македонија во НАТО и во Европската унија. Ниту една политичка партија во Република Македонија не може да добие онолку гласови колку што во моментов НАТО и ЕУ имаат свои поддржувачи. Бидејќи, за граѓаните, НАТО значи безбедност, а Европската унија значи просперитет. Заедно тие значат мир.
Македонските граѓани од своите избрани претставници, и од власта и од опозицијата, очекуваат да им овозможат подобар живот во европска Македонија.
Сепак, поради предолгото отсуство на политички дијалог постоеше сериозна опасност да ја испуштиме од рака европската перспектива. Благодарни сме за ангажманот на нашите пријатели од Европската унија и САД. Нивните препораки мора да се сфатат сериозно. Го поздравувам постигнатиот договор меѓу лидерите на политичките партии, и повикувам истиот да се испочитува. Но, тажно е тоа што се доведовме во ситуација некој друг се грижи за нас повеќе од самите нас.
Како да не научивме дека најдобри се оние решенија кои сами ќе ги постигнеме, преку дијалог во институциите кои сами сме ги создале, и чии претставници демократски сме ги избрале. Тоа е и смислата на сувереноста.
Политичката криза нè потсети на нашите стратегиски цели. Но, не потсети и дека со сувереноста доаѓа и одговорноста. А се однесувавме мошне неодговорно.
Оваа криза е истовремено и можност, и за нас, и за Европската унија и за НАТО. Се покажа дека блокадите не ја разрешуваат, туку само ја влошуваат политичката и безбедносната состојба во Македонија. Крајно време е Унијата да ни даде датум за почеток на преговори за членство, а прашањето за името да го остави како 35. поглавје во преговорите. Крајно време е НАТО да ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата и да ни ја врачи одамна заслужената покана за членство.
Сакам да упатам порака и до нашите соседи. Пред секој самит на Европската унија и НАТО, нашиот јужен сосед прави сè за да нè блокира.
Пред секој Илинден соседна Бугарија бара заедничко славење на минатото. Се радуваме на успесите на нашите соседи, бидејќи тоа се и успеси на регионот. Со нетрпение го чекам денот кога заедно со бугарскиот претседател ќе прославиме врвен успех на заеднички проект на нашите научници, уметници, стопанственици…
Лесно е да се најдат причини за кавги ако започнеме дополнително да го заплеткуваме и онака замрсениот јазол на заедничката балканска историја, ако започнеме да ги отвораме старите рани. Но, тоа е најлошата можна политика на сеење страв, заблуди и предрасуди.
Крајно време е ние како претседатели да бидеме мост на поврзување на најкреативните и најиновативните умови од нашите две земји. Само така ќе работиме за подобра иднина на нашите држави и на нашите народи.
Земјите од нашиот регион не можат да си дозволат минатото да продолжи да им ја краде сегашноста и иднината на граѓаните.
Почитувани присутни,
Да се вратам на последиците од блокадите. Македонските граѓани сакаат да работат и да заработуваат пристојна плата. Затоа, како држава вложивме многу време и енергија за привлекување странски инвеститори кои ќе отвораат фабрики и нови работни места за граѓаните.
Сепак, поради нарушениот углед на државата, постоеше опасност инвестициите да запрат, и економскиот раст да опадне. Политичката битка меѓу партиите не смее да ѝ наштети на економијата, бидејќи од неа зависат платите, пензиите, субвенциите, стипендиите…
Но, политичката криза се прелеа и во доменот на безбедноста. Блокирањето на институциите и непризнавањето на демократската волја на граѓаните го намалија и безбедносниот имунитет на Република Македонија.
На 9 Mај, на Денот на Европа, вооружена група составена од криминалци и екстремисти, со намера да извршат терористички акти, се обиде да ја загрози безбедноста на државата. Се обидоа да ја доведат во прашање европската иднина на Македонија. Се обидоа да го разорат најскапопценото што го имаме, а тоа е нашиот македонски модел на соживот и на почитување на различноста. За среќа, не успеаја во својата зла намера.
Припадниците на Министерството за внатрешни работи ја одбранија безбедноста, а граѓаните го одбранија соживотот. Со тоа, заветот од Крушево го исполнивме и во Куманово!
Но, Куманово нè потсети дека кога сме разединети и раскарани, непријателот полесно може да се провлече меѓу нас. Таа лекција е платена со човечки животи и не смееме да ја заборавиме.
Почитувани сограѓани,
Безбедносниот земјотрес не успеа да го разниша соживотот. Но, затоа, политичкиот земјотрес го разниша темелот на Македонија, а тоа е довербата.
Во 1925 година, Крсте Петков Мисирков напиша дека: „Ние, македонската интелигенција, без сомнение ја носиме најголемата одговорност за положбата во која денеска се наоѓа нашата татковина. Меѓутоа, има околности што ја намалуваат нашата вина…”.
Но, денес, 90 години подоцна, тука, од Крушево, велам дека веќе нема околности што би ја намалиле одговорноста на македонските интелектуалци, политичари, медиуми, невладини организации…
Секој сноси дел од одговорноста за неодговорното однесување во сопствената сфера на дејствување.
Учеството во јавниот простор подразбира јавна пристојност и јавна одговорност за јавно изговорениот збор.
А со какви зборови го исполнивме јавниот простор? Во изминатиов период, и ние, и нашите деца се изнаслушавме горчливи, вулгарни и брутални зборови кои создаваат недоверба меѓу луѓето.
Иако зборуваме на истиот јазик, престанавме да се разбираме.
Иако заедно сме минале и низ добро и низ лошо, сме се радувале на победите и сме тагувале за поразите, се однесуваме како да сме туѓинци.
Престанавме да си веруваме на дадениот збор.
Не сме биле толку раскарани уште од времето на пропагандите.
Дијалогот го сведовме на монолог, во кој никој никого не слуша. Отсуството на опозицијата од институциите предолго го оневозможуваше механизмот на контрола. Недозволиво е нашиот политички систем да зависи од карактерот на лидерите на политичките партии.
Македонските граѓани очекуваат од сите учесници во политичките процеси да се однесуваат разумно и одговорно и да покажат политичка зрелост. Граѓаните очекуваат власта да биде креатор, а опозицијата коректор на политичките и законските решенија. Но, очекуваат тој процес да се одвива таму каде што му е местото – во институциите на државата. Институциите мора да функционираат. Бидејќи, без луѓе, ништо не се случува, но без институции, ништо не трае.
Неопходно е да се врати довербата во институциите во кои има пропусти. И во образованието, и во судството, па и во одбраната и безбедноста.
Оваа држава ја граделе даскали и учители како Гоце Делчев и Ѓорче Петров, Даме Груев и Димо Хаџи Димов, Мисирков и Чуповски… Затоа, новиот закон за високо образование што предизвика внимание кај јавноста треба да ја добие поддршката и од универзитетите, и од професорите, и од студентите.
Судството треба конечно да стане вистински чувар на правдата.
Драги сограѓани,
Како народ многупати сме го доживеале прогонството. Речиси да нема семејство во Македонија без историја на лично искусено прогоноство во минатото. Затоа како држава им излеговме во пресрет на бегалците од Косово во 1999. Денес низ Македонија минува река од мигранти од Блискиот Исток, од Северна Африка, од Азија…
Бев на нашата јужна граница и многу добро ја знам состојбата со која се соочуваат и мигрантите, но и нашите сограѓани.
Ги поздравувам сите хумани поединци и организации кои им помагаат на мигрантите. Но, да не заборавиме дека Република Македонија е само транзитна држава. Мигрантите пристигнуваат од земја-членка на Европската унија и се упатуваат кон други членки на Унијата.
Како што Куманово не потсети дека мора да го чуваме соживотот, така, мигрантите нè потсетија дека живееме на коридор. А коридорот мора да го чуваме. Затоа, како претседател и како врховен командант вклучен сум во иницирањето реформи на службите од областа на безбедноста и одбраната. Неопходна е и дополнителна соработка меѓу овие важни институции, како и поголема транспарентност и цивилна контрола низ Собранието. Бидејќи, сувереноста на државата се чува на границата.
Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми,
Почитувани христијани, муслимани, Евреи,
Почитувани сограѓани,
Крајно време е да го исполниме последниот македонски манифест. Време е стиснатата тупаница да ја замениме со раширени раце, неодговорното однесување да го замениме со неопходната одговорност, а меѓусебните обвинувања да ги замениме со враќање на довербата.
Довербата е потреба на поединецот и врзивно ткиво на општството. Поединецот без доверба се изолира, а општество составено од изолирани поединци се распаѓа.
Како Претседател на Република Македонија, секогаш сум правел сè што е во рамките на моите надлежности да обезбедам услови за дијалог, за градење доверба.
Нашата цел мора да биде држава и општество втемелени врз заемна доверба. Доверба меѓу граѓанинот и државата, и меѓу институциите на државата. Клучот за довербата е одговорноста, бидејќи секое стекнато право подразбира и одговорност и секој кој носи одлуки ќе преземе одговорност за своите чекори. Така се градат државата и иднината. Одговорни граѓани во одговорна држава.
Реков и, пак, ќе речам: Сега е време на отрезнување и освестување.
Затоа, како што знаеме да живееме со нашите најдлабоки верски и етнички разлики, така мора одново да научиме да живееме и со нашите идеолошки и политички разлики. Бидејќи, има едно нешто што ги надминува и ги порамнува сите разлики, а тоа е Македонија. Тоа е нашата одговорност кон заветите на нашите предци и кон иднината на нашите потомци. Бидејќи интересите ни се исти, а иднината ни е заедничка.
За многу години Илинден!
Да ни се вечни слободата и независноста!
Да живее Република Македонија!“– истакна Иванов.