Во рамки на „Охридско лето“ вечерва на Антички театар со почеток во 21 часот ќе настапи американскиот „Howard Gospel“ хор. Овој состав е првиот академски хор од ваков вид во светот. Основан е во 1968 година, и е составен од сегашни и поранешни студенти на Ховардскиот Универзитет, како и од пасионирани љубители на хорската музика. На нивниот репертоар се наоѓаат композиции од современата и од традиционалната американска госпел-музика, црковни химни, црнечка духовна музика (negro spirituals) и др. Во овие композиции најчесто се опфаќаат темите за Исус Христос и за христијанството.
„Хауард госпел-хорот“ активно настапува во Соединетите Американски Држави, но и надвор од нивните граници (Канада, Барбадос, Хрватска, Италија, Данска, Шведска, Украина и др.). При гостувањето во некои од овие земји, хорот одржува и работилници и мајсторски школи, на кои учесниците се информираат за госпел-музиката, но и воопшто за вокалното пеење.