Извонредната Амира Медуњанин заедно со својата група „Амира Трио“ синоќа ја воодушеви публиката на „Охридско лето“. Иако наместо во предворјето, концертот заради дождот се одржа во црквата „Света Софија“, тоа не беше причина бројните посетители да не уживаат во нејзината спонтаност, смиреност и исклучително квалитетниот вокал.
„Амира Трио“ изведе традиционална музика од овие простори на мошне посебен, уникатен и уметнички начин. Нејзиниот восхит кон убавината на усната традиција која се практикува на овие простори, ја наведува да се посвети на создавањето на специфичен уметнички израз што не е составен дел од музичките трендови и не е подложен на компромиси со цел да се вклопи во постоечките музички калапи. Медуњанин успешно ја претставува културата на овие простори, односно балканската традиционална музика на светските музички сцени.