ЈП „Билјанини Извори“ ги информира сите граѓани на Охрид, посетители, гости, сите љубители на кошарката и спортот дека од утре започнува долго очекуваниот месец на кошарката во градот Охрид. Месецот на кошарката започнува со припрепниот репрезентативно- сениорски кошаркарски турнир, на кој покрај Македонската репрезентација ќе учествуваат и соодветните репрезентации на Израел и Украина. Натпреварите на турнирот ќе се одиграат во вечерните часови со почеток од 20:15, и тоа утре Македонија и Израел, сабота Израел и Украина и недела силите ќе ги одмерат репрезентациите на Македонија и Украина. Натпреварите ќе се одржат во Спортската Арена Билјанини Извори, влезот за еден натпревар изнесува 100 денари.
Месецот на кошарката покрај кошаркарскиот турнир ќе содржи и уште два настани, настани кои имаат за цел промоција и афирмација на кошарката како врвен спорт и промоција и афирмација на спортски Охрид и Република Македонија во светот на спортот и кошарката. Првиот настан е поврзан со промотивните активности на државата домаќин на престојното сениорско европско првенство во кошарка, Полска, додека вториот настан е дел од стратегијата за Европски спортски Охрид одржувањето на Европското првенство за кадети жени во кошарка Б дивизија.
ЈП „Билјанини Извори“ како долгогодишен партнер на спортот и кошарката, а имајќи го во предвид јавниот интерес на граѓаните на Охрид (промовирање на спортскиот развој кај помладата популација и развојот на спортскиот туризам) активно коорганизациски се вклучува во реализација на сите предвидени настани во месецот на кошарката во Охрид.
ЈП „Билјанини Извори“ за сите преостанати активности поврзани со месецот на кошарката во Охрид редовно навремено ќе ја информира јавноста така што охриѓани, сите гости во Охрид ќе имаат исклучителна можност сите заедно да го подигнат Охрид на пиедесталот како нај кошаркарски град во Европа во престојниот период.