Општина: Се што вети градоначалникот Бакрачески исполнува

Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид. Во реакцијата се вели:

„Вистина и реално е дека градоначалникот Никола Бакрачески не реализира проекти од типот на „билдање” долгови на Општината и полнење на приватни сметки со народни пари затоа што тоа се проекти карактеристични за претходното локално раководство предводено од СДСМ – Охрид кога за потсетување заменик градоначалник беше господинот Томислав Тунтев.

Се што вети градоначалникот Бакрачески исполнува. За период од 28 месеци, реализирани и во тек се 188 проекти. Од нив 95 од изборната програма меѓу кои капиталните, затворен зелен пазар, затворен пливачки базен, современа автобуска станица ,дом за стари лица и 93 проекти надвор од изборната програма.

Во интерес на вистината општина Охрид го поканува поранешниот заменик градоначалник на Охрид , господинот Томислав Тунтев со цел да му го подари Отчетот во кој се сместени дел од реализираните проекти за да се увери во постигнатите резултати и реализирани проекти. Тоа е добра можност господинот Тунтев да направи разлика во начинот на работењето помеѓу сегашната и претходната локална власт. Ако претходната власт реализираше проекти исклучиво изразени во долгови, сегашната има реални резултати со реализирани крупни проекти и вратени над 9 милиони евра наследен долг.

Почитувани господа од СДСМ, ако до пред две години зборувавме за незаконски потрошени средства за саемско претставување на Охрид и за нелегално работење на туристичко биро кое требаше да биде еден од столбовите на туризмот за што впрочем се водат и судски постапки, денес зборуваме за резултати. Денес, може да зборуваме за воведување на нови трендови во однос на начинот на туристичка промоција на Охрид. Денес, може да зборуваме за претставување на Охрид во најреномираните магазини од областа на туризмот. Во овие две години Охрид го посетија најголемите туристички оператори и туристички агенции од странство.

Охрид од минатата сезона може да се пофали и со комплетно нов промотивен материјал прилагоден на потребите на пазарот со што излезе од клишето на репринтање на некогашните материјали. Општина Охрид за прв пат може да се пофали и со сопствено лого и слоган, типично за Охрид.

Ако во изминатите години туристичките работници, хотели, туроператори имаа секундарен третман на донатори по потреба, денес тие се најважниот партнер на општина Охрид во целокупната туристичка развојна стратегија, планирање и туристичка промоција на градот.

Резултат од наведеното е збогатување на туриситчката понуда на Охрид со нови туристички содржини, пакети, услуги во сите сегменти на туристичката индустрија.

Посебен развој доживува сегментот на активните и алтернативни форми на туристичка понуда кои претставуваат најбрзо растечки сегмент на туристичката индустрија на глобално ниво и кои с еод огромен интерес од развој на поширокиот регион на Охрид.

Почитувани господа од СДСМ, симптоматично е кога со вакви паушални проценки пред јавноста излегува еден од клучните луѓе на претходната локална власт чија што обврска во изминатиот период била креирање на развојните политики на истата таа власт, посебно во секторот за туризам, а кои за жал се покажаа како поразителни за Охрид.

За разлика од Вас, ние користиме официјални податоци и бројни превземени од релевантни институции, органи и сектори, а не паушални и непроверени проценки.

Што се донесува до проценката за успешноста на оваа туристичка сезона, иако истата е сеуште во полн ек, досегашните бројки претставуваат најдобар показател за резултатите во областа на туризмот. Тие го говорат следното.

Од податоците добиени од најголемите туроператори бројот на продадни резервации во земјите на Бенелукс е зголемен во интервал од 25 % – 40 % во однос на минатата година, имајќи во предвид дека процесот на продавање на аранжмани е сеуште во тек што значи дека оваа бројка ќе расте. Во оваа насока говорат и резултатите за бројот на реазлизирани ноќевања за месец јуни кој го сметаме за почеток на летна туристичка сезона, а според кои истиот порасна за 12 % кај странските гости, и за 14, 7% кај домашните гости во однос на истиот месец изминатата година.

Охрид не е повеќе панаѓурска провинциска касаба како што беше во Ваше време, туку израснува во првокласна туристичка дестинација од светски ранг.

СДСМ – Охрид нема никаков кредибилитет да го употребува терминот паркинг простор а уште помалку јавно да дискутира на темата паркирање. Свежи се сеќавањата на охриѓани кога со јавниот паркинг простор во градов стопанисуваше приватна фирма блиска до претходното локално раководство која инкасираше народни пари на приватни сметки. Тоа беше време на чести конфликти на паркинзите помеѓу лицата од приватната фирма со охриѓани и туристите.

Исто така сведоци сме дека во времето кога господинот Тунтев беше заменик градоначалник на Охрид иако експерт по сообраќај дозволи да се случи најголемиот сообраќаен хаос за што сведочат и огромните бројки на сообраќајни незгоди. Ако во Охрид во 2012 година се случиле 337 сообраќајни незгоди во 2014 нивниот број е намален на 283.

За каква чистота , зборува СДСМ – Охрид кога свесно и намерно ги создаде двете диви депонии кај локалитетот Мауцхер и кај Студенчишкото блато. Зошто господинот Тунтев како тогашен заменик градоначалник дозволи на оваа заштитена зона на диво да се депонира градежен шут и отпад? СДСМ – Охрид остави и диви депонии во селата Велестово и Рамне кои ги исчисти актуелната локална власт.

Негодувањата во однос на градежните активности на улица “Питу Гули” се потврда дека СДСМ – Охрид е против се добро што му се случува во градов со што директно ги повредува охриѓани кои заслужуваат да добијат нови улици, канализациони мрежи, кружни токови на чија реализација силно е сконцентрирана актуелната локална власт. Обновата на Охрид не познава годишни времиња. Свесно и одговорно продолжуваме да го градиме Охрид.“– стои во реакцијата.