Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати и ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид. Во неа стои:
„Лицемерие и лаги
Какво лицемерие.
Томислав Тунтев поранешниот заменик градоначалник на Александар Петрески и актуелен пратеник од СДСМ кој патем си седи дома и ги јаде парите од граѓаните на Република Македонија, денес излегува на прес и го обвинува градоначалникот Бакрачески и ВМРО ДПМНЕ од Охрид за лошо водење на градот.
Само да ги потсетиме граѓаните на Охрид и пошироката јавност дека Томислав Тунтев лично учествуваше во носењето одлуки со кои што Охрид го задолжија со повеќе од 53 милиони евра, а со нивното заминување од локалната власт оставија пустош во Охрид. Со нивните одлуки за доделување на градските паркинзи на приватни лица да си ги полнат џебовите, со носењето урбанистички планови урбано го деградираа Охрид и ја поттикнуваа урбаната мафија, со вработувањата неспособни партиски кадри во јавните претпријатија истите ги презадолжија и ги донесоа на работ на банкрот.
Но впрочем за лошото работење на СДСМ во Охрид може да се напише цел роман, а тоа граѓаните го знаат и за тоа СДСМ го казнија.
Лага и лицемерие е да обвинуваш дека во Охрид има лоша туристичка сезона, дека ништо не се работи, дека ништо не се гради, а во исто време да посочуваш дека Охрид е преполн со туристи, дека се бара легло повеќе, дека улиците се раскопани заради нивната градба, а да не признаеш дека и покрај огомната презадолженост на Охрид со минимум ресурси на располагање, сепак во Охрид се градат водоводни мрежи, канализација, патеки и дека се преземаат и други инфраструктурни зафати.
ВМРО ДПМНЕ ветеното го остварува. И затоа граѓаните знаат на кого ја дадоа и на кого ќе ја дадат довербата и на следните избори во април 2016 година.
Господине Тунтев и господа од СДСМ постојано се занимавате со лаги и интриги. На граѓаните треба да им понудите програма и дела, а не лаги и инсинуации.“– се вели во реакцијата.