Премиерното прикажување на претставата „Стари времиња“ од Харолд, Пинтер, во режија на Нела Витошевиќ, а во изведба на Народниот театар од Охрид, ќе се случи вечерва на „Охридско лето“.
Претставата ќе се одигра на отворената сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот. Нобеловецот за литература, Харолд Пинтер, препознатлив по својот исклучително оригинален начин на пишување, често нарекуван од критичарите „Пинтеризам“, со своите лик и дело претставува икона на современата драма. Тој во своите дела секогаш се повикува на минатото, како клучен фактор за последиците и за растројствата кои се нерешливи во животите и во судбините на неговите ликови. Во неговиот најпознат текст „Стари времиња“, со кој се пробива на светската театарската сцена, ги следиме личните приказни на брачниот пар Дили и Кејт, чиј простор на дејствување станува загрозен со пристигнувањето на Ана, другарка и цимерка на Кејт со која делеле иста соба пред дваесет години, додека биле заедно на студии во Лондон. Преку евоцирање спомени прикажани низ текот на мислите на карактерите, а повремено испрекинати со дијалози, авторот нè воведува во мистеријата на приказната во која деструктивната сила на копнежот, претставува главен двигател на дејството. На тој начин и просторот во текстот претставува бојно поле во кое карактерите се борат за своја територија, поседување, контрола. „Редот“ е нарушен уште од самиот почеток на драмата, за гледачот да се запраша дали е возможно тој повторно да го победи хаосот предизвикан од силните слики на минатото?!… Нела Витошевиќ е родена во 1984 година во Скопје, Македонија. Дипломирала и магистрирала театарска режија во класата на професор Слободан Унковски на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што моментално работи како асистент на катедрата за глума. Нејзината дипломска претстава „Сексуална перверзност во Чикаго” на Дејвид Мамет беше прикажана во Драмски театар – Скопје, каде што продолжи да се прикажува уште неколку сезони. Нејзината кариера продолжи успешно да се развива со нејзината претстава „Вејка на ветрот“, прикажана во Македонски народен театар и „Змејовата Невеста“ во театарот „Војдан Чернодрински“ за која ги освои престижните национални награди Награда за најдобра режија и Награда за најдобра претстава на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Во 2009 заедно со режисерот Васил Христов го формираат независниот, алтернативен театар „Wonderland Theater“ чија намена е да внесе свежина, авангарда, да го поттикне слободното изразување како и да воведе на сцената најнови трендови од модерниот западен театар. Театарот исфрлил неколку претстави до сега: „Брод за кукли”, за која Нела освоила Награда за најдобра претстава на Фестивалот „МОТ”. Нејзината последна претстава „Да тргнеме, сењор” беше прикажана во Македонски народен театар – Скопје.