Уметникот Арсова им дава креативна димензија на веќе изумрените материјали

Колажна приказна е ново ликовно излагање од авторката Илина Арсова која низ низа колажи и слики уште еднаш го покажува својот емотивен спој на природата и уметноста.

Колажите се создавани во последните две години од разни отпадни материјали кои најчесто ги преплавуваат нашите подруми и тавани. Таа буквално го претвора целиот свој личен отпад во слика, користејќи го постоечките бои и текстури на текстил, пластика и хартија врз која дава свој потпис преку интервенција со боја и цртеж. Десет години по дипломирање на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, авторката првпат самостојно излага во Охрид и тоа како дел на престижната манифестација „Охридско лето“. Во меѓувреме Арсова групно и самостојно се претставува на бројни изложби ширум светот, а ова е нејзина 13-та самостојна изложба. Во овој циклус таа се претставува и со слики од последната фаза кога живее и твори во Охрид, нејзиниот нов дом и нова љубов. Давајќи креативна димензија на веќе изумрените материјали, Арсова пренесува глобална порака за подигнување на еколошката свест кај народот, спас на планетата Земја и зачувување на природното и културно наследство на Охрид.

Отварањето ќе се случува вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 20 часот.