На фестивалот „Охридско лето“ вечерва со почеток во 21 часот, во црквата „Света Софија“ ќе настапи АГБУ Софискиот камерен оркестар, под диригентство на Бедрос Папазјан од Бугарија со учество на солистите: Филип Маџунков – пијано (Србија) и Софија Никоска-виолина, (Македонија).
АГБУ Софискиот камерен оркестар е создаден во 2006 година, по повод 100 години од основањето на организацијата „Парекордзаган“, со цел да се популаризираат ерменската и бугарската музичка култура, дострелите на класичната музика, како и дела од современите автори. Диригентот и уметнички директор на оркестарот е Бедрос Папазјан, и во него ги спојува најдобрите инструменталисти од Софиската филхармонија, оркестарот на Бугарското национално радио, Софиската опера и Музичката академија во Софија.
„АГБУ-Софија чејмбер оркестра“ развива многу значајна концертна активност низ Бугарија и надвор од неа. Нивниот репертоар е широк и разновиден. На своите концерти оркестарот најчесто изведува дела од класичната музичка литература, а покрај нив неретко се наоѓаат и композиции инспирирани од фолклорот, од џезот, од танго музиката итн. Современата музика е исто така дел од репертоарот на овој оркестар, па така честопати на програмата може да се сретнат и праизведби на дела од бугарски композитори.
Бедрос Папазјан својата кариера ја започнува како член на Софиската филхармонија. Основач е на повеќе ансамбли, меѓу кои „Мелоди“, „Хармони“, како и ансамблот „Оркестрал“ со кој што настапувал во некои од најголемите сали во Франција, во Германија, во Австрија, во Турција и во други земји. Често диригира со најголемите оркестри во Бугарија, како што се симфониските оркестри во Видин, во Пазарџик, во Сливен, во Камерната опера во Благоевград и други.
Младиот пијанист Филип Маџунков на 16 години се запишува на Академијата за уметност во Нови Сад на т.н. „нулта година“ – програма за талентирани млади пијанисти, а набргу потоа станува и редовен студент на оваа установа. Дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Белград, а своите пијанистички способности ги усовршува во школата „Алфред Корто“ во Париз. Неговите настапи секогаш се проследени со воодушевување од страна на публиката и критиката, која го нарекува пијанист со „богата творечка фантазија, способност за логичко-структурално размислување, култивирани релации кон стилските карактеристики на уметничкото творештво и изведување, сигурна пијанистичка техника, како и способност за воспоставување на творечка комуникација со аудиториумот“. Маџунков работи како професор во училиштето „Јосиф Маринковиќ“ во Вршац.
Софија Никоска најпрво дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а потоа и на „Престижниот музички колеџ – кралицата Софија“ („Escuela Superior de Música Reina Sofía“) во Мадрид. Паралелно со своите студии во Мадрид, Никоска ги започнува и своите постдипломски студии на ФМУ во Скопје, кои ги завршува во 2013 година. Во текот на своето школување развива активна концертна дејност во Македонија и во странство. Чест гостин е на мајсторските школи кои ги одржуваат некои од најзначајните виолинисти на денешницата, како Изабела Сергеевна, Александар Бондуријански, Вадим Глузман, Питер Шепард Скервед, Сихана Бадивуку и други. Покрај солистичката кариера, Никоска настапува и како камерен изведувач. Добитник е на повеќе награди на национални и на интернационални натпревари.