Во рамки на проектот „Младо театарско Охридско лето“ кој годинава за првпат стартува на фестивалот „Охридско лето“, вечерва ќе се одигра театарската претстава „Јованка Орлеанка“.
Под режисерската палка на Петринел Гочев, во дворот на ОУ„Свети Климент Охридски“ ќе играат актерите од Драма театар „Рачо Стојанов“ од Габрово, Република Бугарија.
„Ова е приказната за средбата на два света – светот на една девојка и светот на границите, челичните лопати и правото на силата. Историја на една девојка, со особен поглед, даден од Бога, девојка што живее еден свет, заеднички со нашиот, но во друга сатурација на доживувањето, свет на ангели, на светци и на огнена смрт. Денес Јованка е светица, но што значи тоа? Го сакаме ли и ние тоа за себе? Ја сакаме ли светоста за себе? Можам ли да одолеам на слична заповед, неопходни ли се светоста и посветеноста во некоја кауза? Мести ли Бог сè во животот на обичниот човек и постои ли воопшто обичен човек, или сите сме повикани да постигнеме состојба на светост.Светоста е суштинската состојба на децата, го откривме тоа и во почетокот на оваа приказна – едно дете коешто игра дама и не сонува не мечтае, бидејќи животот му е совршен… Но одеднаш… “– одгатнува режисерот Гочев.
Енергијата која струи од сцената, како и постигнатите паралели за тоа како реално се случуваат работите во животот, заситеноста и искуствата се адут на оваа претстава.
Петринел Људмилов Гочев е роден на 28.10.1968 година во Софија. Освен што е режисер, тој е и скулптор и сценограф. Завршува средно училиште за применета уметност. Во неговата биографија се запишани над 10 самостојни изложби, од кои дел се претставени во Софиската градска уметничка галерија, во уметничките галерии во Варна, во Велико Трново и во Видин. Во 1999 година, дипломира како режисер во НАТФИЗ „Крсте Сарафов“ во класата на проф. Маргарита Младенова. Во периодот 2000 – 2001 година, е директор на Драмски театар – Благоевград. Големото враќање на театарската сцена Петринел Гочев го изврши со спектаклот „Ромео и Јулија“ од Вилијам Шекспир во Драмски театар – Габрово. Претставата „Јованка Орлеанка“ ќе започне во 21 часот.