Вечерва во селото Велгошти во близина на манастирот „Света Петка “ по 27-ми пат се одржа традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“. Годинешната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“ се организира под покровителство на општина Охрид.
На споменикот на „Живко Чинго“ свежо цвеќе положија градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески со претставници од Локалната самоуправа, претставници на Месната заедница од Велгошти, делегација на ОУ „Живко Чинго“ од Велгошти, како и делегации од ОК на ВМРО-ДПМНЕ и ОО на СДСМ Охрид.
Пред присутните се обрати градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески.
„Чест е вечерва да се биде дел од оваа манифестација посветена на Живко Чинго, еден од нашите најзначајни автори во современата македонска литература. Сите ние, почитувачите на неговото дело, се собравме овде, во близина на храмот „Св. Петка“, во еден од најубавите делови на неговата „Пасквелија“, за да му ја оддадеме должна почит за сè она што како трајна и вонвременска вредност ѝ го подари на македонската и светската книжевност“. Оваа вечер е посебна, затоа што со нашето собирање и програма на достоинствен начин ја обележуваме и 80-годишнината од раѓањето на големиот Живко Чинго“. Вечерашното чествување и обележување на 80 годишнината од раѓањето на големиот раскажувач Живко Чинго нека биде наш придонес во продолжувањето на богатиот времепис на еден од столбовите на современета македонска литература“ – истакна во својот говор градоначалникот Бакрачески.
На чествувањето, на охриѓанецот Димитар Димоски, градоначалникот му ја врачи наградата „Живко Чинго“ за најдобар кус расказ, која во конкуренција на 73 раскази, ја освои на годинешниот анонимен конкурс што традиционално го распишува општина Охрид.
Димоски во своето обраќање најпрво и се заблагодари на општина Охрид што му ја додели оваа престижна награда.
„Дојден сум овдека, затоа што мислам дека оставив сè на тој расказ, дека го пишував со чувство. Често користам една фраза, цитат од големиот Живко Чинго, кој вели: Ваше е само она што ќе им го дадете на другите. Јас вам ви давам расказ кој се надевам дека ќе го издржи тестот на времето, ќе се најде меѓу останатите добитници. Би сакал да ја посветам оваа награда на мојот дедо кој живееше најдолго во таа куќа која ја опишувам во расказот, но си замина пред нејзиното заминување и ова е за него“, рече Димоски.
На манифестацијата, по повод 80 годишнината од раѓањето на Живко Чинго, еден од најбележитите претставници на современата македонска литература, беседа одржа академик Милан Ѓурчинов.
„Таквата и чиста душевност многумина од јунаците на Чинго ја признаваат како единсвено вистинска незаменлива вредност, бидејќи никакви богатства не можат да ја повратат човештината .Кога ќе се изгуби она човечкото, сето останато е лук и вода“ – рече академикот Милан Ѓурчинов.
На крајот програмата беше збогатена со настап на флејтистката Даниела Петковска, како и сплет на македонски народни песни и ора во изведба на Културно Уметничкото Друштво „Илинден“ од Велгошти.
Претходно, делегација на ОУ „Живко Чинго“ од Велегошти положи свежо цвеќе пред споменикот поставен во дворот на училиштето.
WebOhrid