Teатарската претстава „Кирил и Методиј, who are you“ на текст од Јордан Плевнеш, а во режија на Мартин Кочовски своето патешествие го започна синоќа во Охрид.
Праизведбата се одржа во рамки на фестивалот „Охридско лето“, а интернационалната промоција ќе ја има на 2 септември во Букурешт. Режисерот Мартин Кочовски направи една исклучително силна претстава која ги руши сите можни табуа и носи новитет во театарската естетика.
„Оваа екипа е збогатена со врвни актери од Грција, Бугарија и Македонија станува една чудна хемија и интересно друштво кое споделува една голема идеја. Таа идеја ја почувствував уште првиот пат кога го прочитав првото нешто што го имаше напишано авторот и сфатив дека не се работи за текст кој би правел некаква ревизија на историските факти за Кирил и Методиј, туку дека станува збор за една потрага по ехото на нивните идеи и нивната мисија. Така почна целата оваа одисеја“, вели Кочовски за овој голем копродукциски проект.
Според актерот и селектор на драмската програма на „Охридско лето“ Ѓорѓи Јолевски, привилегија е да се работат текстовите на Плевнеш.
„Тие секогаш даваат една сосема нова димензија во македонската драматургија и со нетрпение ги очекуваме неговите зборови“, вели Јолевски.
Носител на оваа голема копродукција е Народниот театар „Војдан Чернодрински од Прилеп заедно со НЕТА-Новата европска театарска акција, театарот „Сфумато“ од Бугарија и фестивалот „Охридско лето“.