Во колонадите во предворјето на „Св.Софија“ вечерва од 21 часот ќе биде прикажана театарска претстава „Делириум Тременс“. Оваа претстава е дел од проектот „Младо театарско Охридско лето“ што од госдинава е воведено како новина на фестивалот „Охридско лето“. „Трезното пијанство“, на прв поглед и во стриктно формално-логичка смисла, несомнено претставува класичен оксиморон, противречност во поимот, накусо, бесмислица. Според логичкиот закон за исклучување на третото, законот кој беспоговорно заповеда „или/или“, не можеш едновремено да бидеш и трезен и пијан: или си трезен, или си пијан! Но, животот не се управува според логичките закони, па ни според законот за исклучување на третото. Во животот може едновремено и да врне и да не врне, и во душата едновремено да е глува доба на ноќта, и блескаво пладне! Без ризик да се згреши, целиот живот може да се разбере како екстатички феномен, како експлозија на занесот, накусо, како еден непрекинат Delirium tremens!
Ферид Мухиќ Игор Трпчески е роден на 11.10.1974 во Прилеп. Од 1998 година, работи како актер во НТ „Војдан Чернодрински“. Дипломира актерска игра на Факултетот за драмска уметност во Скопје, во класата на професор Владимир Милчин во 1997, а специјализира режија во Националната академија за театарска и филмска уметност, НАТФИЗ во Софија во 2005 година, во класа на професор Крикор Азарјан. Од 2003 година регистрира Здружение на граѓани Театарска работилница – Прилеп и со неа работи на повеќе театарски претстави и проекти. Се јавува како организатор на концерти, самостојни изложби и како издавач на пет авторски и три збирки на поезија.