Годинава Охрид ќе биде домаќин на првиот меѓународен салса фестивал во Македонија, наречен „Хола Охрид“. Настанот ќе се одржи во организација на танцовиот клуб „Сонриса“, во периодот од 21-ви до 23-ти август, во Конгресниот Центар, каде своето знаење ќе го пренесат инструктори од Куба и соседните Балкански земји.
Во рамките на фестивалот ќе се одржат работилници и танцови забави, водени од вкупно тринаесет артисти кои доаѓаат надвор од нашите граници – десет инструктори и тројца познати латино Ди Џеи. Артистите доаѓаат од далечната Куба, како и од Србија, Црна Гора, Грција, Бугарија и Полска. Фестивалот официјално ќе го посетат речиси 200 гости од Македонија и странство, од кои голем дел доаѓаат од Европските земји.
Дневната програма ќе опфати едукативни работилници од танцов карактер, ќе се изучуваат техниките и тајните на сите кубански танци, како Салса, Румба, Оришас, Регетон, Руеда де Казино и многу други. Вечерната програма се состои од забави од отворен карактер, достапни и за сите оние кои нема да бидат дел од семинарот, а сепак ќе сакаат да уживаат во шоуто кое ќе го понудат артистите. Во програмата на фестивалот е организирана и тура преку која гостите ќе добијат можност да ги откријат убавините на градот Охрид.
Организаторите очекуваат настанот „Хола Охрид“ да ја одбележи 2015 година на македонската танцова сцена, како и да прерасне во традиционален забавен викенд-настан во градот Охрид.
За организаторот на настанот – ТАНЦОВ КЛУБ „СОНРИСА“
Танцовиот Клуб Сонриса постои веќе 3 години и брои повеќе од 200 членови. Активно ги изучува латино танците, со фокус на кубанските танци и кубанската култура. Инструктори и основачи на танцовиот клуб се Димитар Мишев и Нина Лековска, кои имаат долгогодишно искуство во посета и учество на голем број фестивали надвор од нашите граници, како во Србија, Црна Гора, Бугарија, Грција, Тунис, и други.