Средба на Канческа-Милевска со рускиот виолинист Максим Венгеров

Највлијателната личност на музичката уметност, рускиот виолинист Максим Венгеров, кој на 19 август ќе го затвори музичкиот дел на програмата на 55. издание на реномираниот фестивал „Охридско лето“ денеска беше примен од министерката за култура Елизабета Канческа Милевска …

Венгеров на концертот, што ќе го одржи во црквата „Св.Софија“, ќе настапи во придружба на ерменскиот пијанист Ваг Папиан. Билетите за концертот се распродадени.
Министерката Канческа-Милевска по средбата изрази задоволство што има можност да се сретне со Максим Венгеров, кој, како што рече, е еден од најголемите виолинисти на денешницата и е прогласен за најголем музички уметник на 20 век.

„Програмата на „Охридско лето“ е во завршен дел. Навистина ми е драго што имаше огромен интерес за целокупната програма на „Охридско лето“ и во делот на музичката и во делот на драмската програма. Секоја година програмата на „Охридско лето“ изобилува со огромен број светски имиња и во музичкиот и во драмскиот дел. Како Министерство и како Влада како и досега и во иднина ќе даваме силна поддршка и поголем фонд на средства кои ги издвојуваме за „Охридско лето“, рече Канческа – Милевска.

Венгеров во рамки на својот концерт во црквата „Св.Софија“ ќе изведе дела од Бах, Прокофиев, Франк, Паганини, Росини…

„Голем љубител сум на Максим Венгеров и ми е драго што е присутен во Македонија и во рамки на „Охридско лето“. Го информирав и за многу активности во делот на инвестициите кои ги реализираме во областа на културата, како и за новата концертна сала на Македонската филхармонија. Се надевам дека ќе го видиме повторно кога ќе се отвори новата концертна сала на Македонската филхамонија каде ќе може да изведе значајни дела со нашиот ансамбл“, истакна Канческа-Милевска.

Додаде дека Венгеров, комбинирајќи ги двете пасии кои ги поседува, изведување и диригирање, е постојан артист во Оксфордскиот оркестар и првиот уметник во класичната музика, кој е назначаен за интернационален амбасадор на добрата волја од страна на УНЕСКО.

Венгеров изрази задоволство што ќе одржи концерт во рамки на фестивалот „Охридско лето“. Посочи дека за него е важно што ова е 55. издание на Фестивалот и што многу големи уметници досега настапувале.

„Сум патувал низ цел свет и од сите страни слушав дека во Македонија се гради, се реконструираат старите градби. Тука има голема поддршка од Владата и од Министерството за убави работи, како што е уметноста“, додаде Венгеров.

03_poseta_17_08_2015_640