Незири: Во Македонија нема енергетска криза

Во Македонија нема енергетска криза, но ќе имаме реални проблеми доколку продолжи блокадата на сметката на АД Макпетрол. Не сакам да ги коментирам процедурите што ги спроведуваат судовите, но како министер за економија ќе застанам во заштита на компаниите, а секако нема да го поддржам и незаконското работење.

Ова го истакна министерот за економија Беким Незири по средбата со претставници на компаниите кои имаат лиценца за трговија со нафта и нафтени деривати и природен гас.

„Нема да ги коментирам судските одлуки, но секоја власт, вклучувајќи ја и судската, треба да биде многу внимателна кога носи одлуки кои предизвикуваат последици за економијата, индустријата и граѓаните“, рече Незири.

Тој посочи дека на средбата од компаниите добил уверување дека граѓаните нема да имаат проблеми во снабдувањето со нафтените деривати и додаде дека прават напори и индустријата да нема проблеми со снабдувањето со гас.

„Буџетски импликации од продолжување на блокадата на Макпетрол нема да има, бидејќи сите количества на нафта и нафтени деривати и гас од увоз и понатаму ќе можат да се обезбедуваат. Тоа го овозможува либерализацијата на пазарот, а доколку таа не беше спроведена, сега ќе зборувавме за тоа дали и кога ќе колабира системот. Проблем е само да се најдат компании кои можат дневно од ОКТА како најголем снабдувач да купат нафта и нафтени деривати во вредност од 900.000 до еден милион евра и нив да ги продадат“, рече Незири.

Тој посочи дека вчера добиле писмо од АД Макпетрол во кое компанијата ги информира дека ОКТА донела времена одлука да престане да ги снабдува со нафта и нафтени деривати додека трае блокадата на сметката, а проблем ќе имаат и со набавката на гас зашто Газпром им бара авансно плаќање на сметката еден месец однапред. Воедно било нагласено дека имаат резерви од само пет дена за непречено снабдување на аеродромите со керозин.

Како што информира Незири, Макпетрол е најголем дистрибутер на нафта и нафтени деривати во земјава со речиси 50 отсто, а покрива и 36 отсто од снабдувањето со гас и тоа претежно за индустријата.

„Проблем во снабдувањето со нафта и нафтени деривати во Македонија може да се јави само во местата каде единствено има бензински пумпи на Макпетрол, како што се Дојран, Делчево, Македонска Каменица, Маврово, Дебар, Ростуше, Демир Хисар, Пехчево и Свети Николе. Таму граѓаните би требало да одат 20 до 30 километри за да наполнат гориво на некоја друга бензинска пумпа, но постои можност да им се пуштаат и мобилни цистерни од каде што може да се точи гориво. Проблем е што точењето на гориво е поврзано со автоматско издавање на фискални сметки, но доколку потрае состојбата ќе се обидеме да изнајдеме решение и за тоа. За аеродромите постои можност да се снабдуваат авионите директно од цистерни или, пак, снабдувањето со керозин да го врши некој од соседните аеродроми во близина. За снабдувањето со гас работиме во правец на изнаоѓање решенија како индустријата не би имала проблеми. Тројца од увозниците на гас денеска ме уверија дека ќе направат напори да го покријат снабдувањето со гас што го врши Макпетрол, но единствен проблем е што тој гас треба да се дистрибуира преку ГАМА, чиј мнозински акционер е Макпетрол“, рече Незири и побара судските власти да ги преиспитаат своите одлуки.

Прашан што е со снабдувањето со мазут за РЕК Битола и Осломеј, рече дека ЕЛЕМ има резерви за 25-дневно работење и додаде дека ОКТА нема проблем да ја снабди компанијата со мазут, а единствено ќе биде потребно ЕЛЕМ да објави оглас за избор на нов снабдувач.

Претседателот на Македонската енергетска асоцијација Кочо Анѓушев нагласи дека либерализацијата на пазарот придонела вакви кризни ситуации да не преминат во енергетска криза и само да останат на нивото на енергетски проблеми. Додаде дека енергетските проблеми можат да предизвикаат и одредени финансиски проблеми бидејќи, како што кажа, треба да бидат изнајдени други финансиски текови и средствата да бидат пренасочени кон компании кои ќе ги супституираат енергенсите што ги продава Макпетрол.

Воедно додаде дека може да се предизвика и дизбаланс на енергија особено во грејната сезона и компаниите кои употребуваат гас да прејдат на потрошувачка на електрична енергија.