Дел од творештвото на академскиот уметник Крунислав Стојановски беше изложено синоќа во рамки на фестивалот „Охридско лето“. Делата што беа поставени всушнот ги отсликаа седумте сликарски циклуси кои уметникот ги слика во текот на последните дваесет години.
„Животот сам, за секого од нас, носи циклуси кои можат да бидат прекинати, продолжени, распарани, ритмични, кратки, долги… впрочем секакви, а можат да зависат од моментот, од опкружувањето, од личните искуства, од искуствата на групата или на поднебјето, од временската вистина на која и припаѓаме. Кога животот се преточува во и низ уметноста, тогаш таа уметност станува лакмус на животот, или метафизички ЕКГ мерач на времето во кое живееме, на нашите душевни доживувања кои ги евидентира и ги презентира на јазик кој е читлив со срцето и на ментално ниво, а многу помалку рационално и свесно“, вели уметникот.
Чести теми во уметничките дела се оние кои имаат социјална хуманистичка, еколошка и политичка конотација со посебен акцент на поединецот и на неговите улоги, можности и значењето во општеството. Стојановски дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Загреб каде се уште живее и работи.