Премиерот Никола Груевски, кој денеска е во посета на реканско-дебарскиот крај заедно со министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, го означи почетокот на реконструкцијата на регионалниот пат Ново Село – Маврово во должина од 11 километри за кој ќе бидат инвестирани 2,5 милиони евра.
Градежните работи се очекува да завршат за околу една година, а по завршувањето на оваа прва фаза, планирана е и реконструкција и рехабилитација на патот преку Маврово кон Жировница и Дебар. Целокупната инвестиција на овој проект се проценува на осум милиони евра, а должината на целиот пат којшто ќе биде реконструиран е 20 километри.
Според премиерот Груевски, овој пат е најкористениот кон Маврово и кон населените места од дебарскиот и реканскиот крај. Тој нагласи дека реконструкцијата на патот било едно од најчестите барања на граѓаните и оти со оваа реконструкција ќе се исполни уште едно од дадените ветувања на Владата.
„Ова е уште еден проект за западниот дел на Македонија. Ако се има предвид дека во изминатиот период го направивме патот Струга – Дебар, во моментот се прави автопатот Кичево – Охрид, а почнуваме да го реконструираме и патот Маврово – Дебар, тоа значи дека работиме на сите најважни регионални правци во западна Македонија. Ако на тоа се додаде фактот дека во изминатите години имаме направено и реконструирано преку 70 локални патни правци во општините од западна Македонија, станува јасно дека скоро и да нема место во овој регион во кој немаме инвестирано за изградба на патишта. Тоа е нашиот влог за подобар живот на граѓаните, но и за поддршка на локалната економија и туризмот во овој регион“, потенцира Груевски.
Осврнувајќи се на реализираните проекти во овој крај каде претежно живеат Македонци муслимани, премиерот Груевски посочи дека во изминатиот период е направен и патот до селото Сенце, патот Требиште – Велебрдо, патот до Нистрово, а е направен и патот од браната на Мавровско Езеро до Маврови Анови.
Тој напомена дека изминатиот месец, како резултат на дадените ветувања, свечено е пуштена во употреба и новата патека покрај Мавровското Езеро, што е чекор напред кон промоција и развој на туризмот во мавровскиот регион.
Министерот за транспорт и врски истакна дека развојот на овој регион е во фокусот на Владата и оти инвестициите во патната инфраструктура не само што влијаат на подобрување на комуникацијата меѓу граѓаните, туку тие се и многу значаен дел за развојот на економијата. Најави дека наскоро ќе се започне со рехабилитација на мостот пред Стража, инвестиција вредна 33 милиони денари, а за месец-два и со реконструкција на регионалниот пат Мелнички мост – Центар Жупа. Во текот на оваа година ќе биде изработен и проект за изградба на нов регионален пат Граски мост – Извор во должина од 20 километри, инвестиција која се проценува над 20 милиони евра.
„Генерално во изминатиот период и овој што следи во рамки на проектите од Програмата на Владата опфатена е реконструција на околу 100 километри патна мрежа во овој регион или инвестиција во вредност од над 50 милиони евра. Тоа само ја покажува нашата посветеност во рамномерниот развој на патната инфраструктура во земјава“, нагласи министерот Мисајловски.
Градоначалникот на Маврово-Ростуше Мукрем Мехмеди оцени дека денешната посета на премиерот Груевски е потврда дека Владата не бега од отчетноста и потврда за неговата посветеност кон оваа општина која е сублимат на домаќинско печалбарски семејства и негово залагање за реализација на ветените проекти.
Во оваа општина изминатата година е реконструиран и водоводот во Ростуше, а во делот на образованието и спортот е изградена новата гимназија и новата спортска сала во Ростуше, ново повеќенаменско спортско игралиште во Никифорово. Во следниот период ќе се гради и спортска сала во Скудриње, како и нови тениски терени во Мавровски Анови.