Честитка од премиерот Никола Груевски до припадниците на ромската заедница

Премиерот Никола Груевски, по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април упати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Македонија.

„Дозволете ми, во името на Владата на Република Македонија и во мое лично име, на сите наши сограѓани, припадници на ромската етничка заедница, да им го честитам 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.

Овој празник е добра можност да ги одбележиме културните специфики и вредности на ромската заедница во Република Македонија, која има долга традиција и континуитет во нашата земја и претставува нераскинлив дел од македонското мултиетничко општество. Ромите како заедница, и како поединци, придонесуваат во развојот на нашата држава во секоја сфера од општествениот живот, и се учесници во економските, политичките, културните, образовните, спортските и останатите збиднувања.

Република Македонија уставно, законски и во пракса ги гарантира и реализира политичките права на ромската заедница на највисоко ниво во светски рамки, и токму тој воспоставен модел обезбедува Владата да продолжи искрено и посветено да работи на понатамошно унапредување на условите за развој и напредок на ромската заедница на полето на политиката на домување, едукацијата, здравството, културата, вработувањето и сите останати полиња за реализација на потенцијалите на припадниците на Вашата заедницата. На тој начин на дело се остварува промовирањето на единството на државата, разбрана пред се како заедница на рамноправни, образовани и напредни граѓани кои придонесуваат за својата држава и кои заеднички работат за успешна, модерна и просперитетна Република Македонија.

Во тој дух сите заедно сплотени и обединети да продолжиме да работиме на економскиот раст и развој, на подобрување на стандардот на граѓаните и на реализација на нашите европски и евроатлански интеграции.

Испраќајќи Ви најискрени честитки, Ви посакувам добро празнично расположение, многу радост, благосостојба и бериќет во Вашите семејства. Нека Ви е честит големиот празник.“ – стои во честитката.