Ставрески: Приходите натфрлени, со ребалансот повеќе пари за капитални проекти

Остварувањето на Буџетот за 2015 година во првите седум месеци се подобри од очекувањата. Прибраните приходи се повисоки од планираните и тие со предложениот ребаланс на буџетот ќе се преточат на расходната страна за политики, мерки, активности и проекти кои беа најавени.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска образложувајќи го Предложениот ребаланс на Буџетот за 2015 година на седница на Собранието на Република Македонија, на која почна расправата по ребелансот.

Потенцира дека реализацијата на Буџетот на расходната страна се одвивал согласно предивиденото и оти вкупните приходи биле подобри од очекувањата и подобри од минатата година.

„Во првите седум месеци од годинава остваривме вкупно 92 милијарди и 579 милиони денари приходи во Буџетот што е за 11 милијарди и 160 милиони денари или за 13,7 проценти повеќе во однос на истиот период од минатата година. Ваква реализација на приходната страна на некој начин овозможи ликвидноста на Буџетот да биде извонредно добра, да има редовност во плаќањето на обврските кон фирмите и кон корисниците на средства од буџетот и да се релаксираат односите во плаќањето во земјата. Од друга страна пак овозможи вишокот на средства над планираните да се распореди пртеку ребалансот и тоа е причината зошто тој се предлага за разлика од минатите години кога се предлагаше поради недостиг на приходи во Буџетот“, рече вицепремиерот Ставрески.

Појасни дека кај даночните приходи има намалување на ДДВ, но оти тоа е компензирано со повисоките приходи од данокот на добивка и акцизите.

Кај данокот на добивка приходите се за 5 милијарди и 142 милиони денари или за 165 проценти повиоки од 2014, а кај приходите од акцизи се кои се 1 милијарда и 981 милион денари или 22 проценти повисоки од лани. Добри биле и приходите од здравствено и пензиско осигурување.

Добрите и повисоки приходи и расходите на планираното ниво, според Ставрески овозможиле вишок на средства во Буџетот и предложениот ребаланс.

За расходната страна Ставрески рече дека во првите седум месеци достигнале до 103 милијарди 686 милиони денари и биле во рамки на планираното. Редовно, додаде вицепремиерот, се исплаќаа сите буџетски корисници во делот на платите, стоки и услуги, и трансфери во чии рамки се реализираа и предвидените мерки за зголемување на социјалната помош, редовна исплата на пензиите, субвенциите и слично.

Тој потенцира дека кај капиталните расходи е предвидено за 1,115 милијарди денари повеќе средства при што со овие средства ќе се интензивираат активности за неколку проекти што се од приоритетно значење.

Најголем износ ќе биде издвоен за проектот за гасификација на делницата Клечовце – Штип кој изнесува 370 милиони денари. Дополнителни средства од 377 милиони денари се обезбедени за проширување на сметките за проекти за водоводи и канализации во сите општини во Република Македонија. Дополнителни 222 милиони денари има за Министерството за образование и наука за финансирање на реонструкција и реновирање на училишта. Предвидени се и дополнителни 60 милиони денари за финансирање на реконтрукцијата на Студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Министерот Ставрески потенцира дека досега редовно се исплаќале плати, стоки и услуги, пензии и субвенции и се реализирале сите мерки за зголемување на социјалната помош. Со ребалансот, како што рече, предвидени се средствата за редовна исплата на зголемената социјална помош за 10 проценти, дополнителни средства за исплата на помош за сите ранливи категории, за зголемување на пензиите за пет проценти од октомври, како и за стипендиите.

Ставрески истакна дека со ребалансот се очекува да се задржи буџетскиот дефицит и да се одржи нивото на јавниот и државниот долг.

Како што посочи, буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5 проценти. За државниот и јавниот долг истакна дека Република Македонија останува во зоната на ниско до умерена задолженост со ниво на јавен долг од 43,7 проценти од БДП и ниво на државен долг од 36 проценти од БДП.

Врз основа на проекциите во ребалансот, според министерот, се очекува Буџетот да ја одигра својата улога да обезбеди развојна компонента и да ги заштити сите социјални категории.

Со ребалансот проекцијата за растот на БДП изнесува 3,5 проценти и е за 0,5 отсто пониска од првично проектираната, а поради сложените услови во кои фунцконираше македонската економија.

Ребаланост на Буџетот треба да биде донесен во Собранието во рок од пет дена од почетокот на расправата.