Венгеров за крај на музичкиот дел на Охридско лето – Неверојатна изведба, невидени овации и 5 биса за брилијантниот виолинист

Музичката програма на 55-тото јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“ заврши со неверојатна изведба, невидени овации и 5 биса за брилјантниот Максим Венгеров и пијанистот Ваг Папијан. Во акустичната Света Софија Маестро Максим Венгеров, виолинистичкиот император како што го нарекува светската критика,  приреди концерт за паметење кој ќе остави трага во фестивалската историја на Охридско лето.  Неповторливо доживување за публиката која имаше прилика да ужива со звуците на Бах, Прокофиев, Франк, Исаи и Паганини. Според многумуна тоа беше  концерт кој претставува репер за врвна виолинистичка уметничка изведба. Вистинско уживање со музицирањето  на врвното  уметничко дуо кое настапува на најпрестижните светски сцени. Вистински празник на музиката на завршниот концерт од музичкиот дел на ова 55то јубилејно издание на Охридско лето за фестивалската публика приреди виолинистот Максим Венгеров кој настапи заедно со еминентниот пијанист Ваг Папиан.

„Максим Венгеров, беше и остана најдобриот виолинист на денешницата, најдобар меѓу најдобрите. Неговиот врвен виолинизам го покажа со култната композиција „Чакона“ од Ј. С. Бах, кога извираше вистинска музика. Неговиот звук е спонтан, едноставен, транспарентен. Беше тоа вистинската убавина на функцијата на Бах“, вели селекторката на музичкиот дел од програмата Гордана Јосифова Неделковска. 

Според неа  возбудливата изведба на големата соната  на Цезар Франк го подигна адреналинот во публиката која после секое дело го поздравуваше со бурни аплаузи и стоечки овации. Врвен виртуозитет, извонредна музикалност, ја донесе убавината на спонтаност при изведба.

„Многу му беше тешко да се збогува со фестивалската публика која дури 5 пати го врати на бис,“ вели Јосифова Неделковска.

Интересот на публиката за завечерашниот концерт беше  огромна а  билетите одамна распродадени.

„Охрид има некаква посебна енергија, црквата особено, публиката е прекрасна така што како музичар  сум среќен што настапив тука.  Се чуствува прекрасната магична енергија. Како музичар и амбасадор на културата, патувајќи насекаде низ светот, можам да видам што е направено во последната декада. Во оваа прекрасна држава, Република Македонија, чувањето  на културните вредности, традицијата и прекрасните реставрации на зградите како Оперската куќа и Филхармонија, се показател за тоа дека општеството и владата се грижат за културата во државата“, појаснува Венгеров.

Инаку, Венгеров во Охрид допатува од САД каде имаше настап на Фестивалот во Чикаго, за по „Охридско лето“ да има настап пред ООН во Њујорк, а потоа низ најпрестижните сцени на Јужна Америка. 

„Голема чест ми е да настапувам на фестивал каков што е Охридско лето. Би сакал да се заблагодарам на организацијата на фестивалот за поканата и за можноста нашата музика да ја споделиме со охридската публика вели  врвениот  виолинист со светска слава.“- рече Венгеров.

Венгеров инаку свири на исклучителен инструмент, виолина „Кројцер“ изработена од Страдивари во далечната 1727 година.

Добитник е на Греми наградата, има настапувано низ целиот свет заедно со најпрестижните оркестри и диригенти, со одржани соло рецитали на виолина во речиси сите познати светски музички центри.

unnamed