Побрза исплата на надоместоци за боледувања и породилно отсуство

Проектот „Побрза исплата на надоместоци за боледувања и породилни отсуства“ е дел од програмата на Владата и е во надлежност на Фондот. Денес го промовираме новото софтверско решение со кое комплетно ја дигитализираме работата во делот на исплатата на боледувањата и породилните отсуства, процес кој ни овозможува ефикасна и прецизна обработка на податоците и што е најважно, побрза исплата на средствата по овој основ за нашите осигуреници, истакна директорот на ФЗОМ, д-р Сашо Стефаноски.

Ова е уште еден проект со кој ги кратиме бирократските процедури а, директен бенефит од ова решение за побрза исплата на надоместоците имаат осигурениците, бидејќи системот нуди: автоматска контрола, автоматска пресметка на надоместокот на плата и поврзаност со сите потребни надлежни институции за брза размена на податоци, електронско испраќање на известување на евентуално потребна корекција до фирмите.

Процесот ќе се одвива на следниот начин: По поднесување на барањето за надоместок, почнува целосно автоматизирана постапка во Фондот за здравство за пресметката на боледувањето или породилното отсуство. Софтверот е синхронизиран врз база на исплатените плати од системот на УЈП. Системот автоматски носи решенија со висина и времетраење на исплата на надоместокот, наменет за осигуреникот и во ист момент генерира и налог за исплата. Вака, интерно кратиме административни постапки кои бараа дополнително време. Во овој процес нема човечки фактор што резултира со исклучување на грешки. За разлика од минатото кога рачно се правеше контрола секој месец, новиот систем автоматски прави контрола само за почетниот период, односно за месецот кога осигуреникот го отвора боледувањето или породилното отсуство. Со ова дополнително се убрзува процесот за исплата на боледувањата и породилните. Доколку се појави било каков проблем за исплата, системот веднаш праќа нотификација со образложение на проблемот, по маил, до работодавачот, за да ги направи потребните корекции. Ова во минатото беше обврска на вработените во Фондот кои се соочуваа со потешкотии во објаснувања со работодавачот.

Директорот Стефаноски накусо објасни кои се предностите кои новиот софтвер на ФЗОМ ги овозможува:

– Брзо изготвување на предмети

– Автоматска контрола и пресметка на надоместок од страна на ФЗОМ

– Осигурениците кои се на породилно отсуство земаат боледување во ист месец кога вработените земаат плата,

-Исплатата на породилното отсуство не зависи од исплатата на плата од страна на работодавецот,

-Побрзо изготвување на пресметка на надоместок на плата поради поврзаноста со УЈП и АВРМ,

– Породилните отсуства Фондот ги исплаќа и доколку завршил времениот договор на породилката

– Автоматска нотификација за корекција што фирмите треба да ја направат за да се исплати боледувањето.

Во изминатите неколку месеци се донесоа неколку законски измени со кои се овозможија повеќе права на осигурениците во овој дел и тоа, продолжување на исплата на породилното, иако работниот однос на определено време завршил и исплата на породилното и боледувањето без оглед дали работодавачот го исплатил придонесот за здравствено осигурување за останатите вработени во фирмата.
Со овие измени овозможивме остварување на правото без проблеми на 311 осигуренички кои без новите законски измени, немаше да можат да добиваат надомест од страна на Фондот.

Директорот на ФЗОМ, Орхан Rамадани истакна со задоволство дека по воведените законски измени и новото софтверско решение, во јули се исплатени 97% од породилните отсуства. Останатите 3% кои не се исплатени се должат пред се на грешки кои не зависат од Фондот, туку е потребно работодавачот да интервенира за што сега системот автоматски ги извести.

Споредбено, за изминативе 3 месеци кумулативно (мај, јуни и јули) во 2012 година и 2015 се следни: во 2012 година за 17.040 породилни се испратени 354,345,895 денари, а годинава за 19.209 породилни исплатени се 458,688,650 денари.

За 2015 година, имаме обезбедено 2 милијарди и 354 милиони денари што изнесува речиси 10% од вкупниот буџет на Фондот.

Најчести грешки од страна на фирмите при поднесување на барања за надоместоци, а за кои отсега ќе ги известуваме по електронска пошта се:

Погрешна уплата на часови. За да се отвори боледувањето потребно е фирмата да има направена точна уплата на придонеси. Тоа подразбира да се дефинираат точно колку часа лицето е на терет на работодавец и точно колку часа е на товар на Фондот. Сега Фондот автоматски врши нотификација за потребната корекција (103-ка) во УЈП. Вака значително е скратен периодот на взаемна комуникација и сега корекцијата од УЈП пристигнува и се обработува за 3 работни дена.

Втора причина е кога осигуреникот е на боледување на товар на Фондот, фирмата не треба да исплаќа плата за тоа лице. За тој период Фондот е надлежен орган за исплата на надоместок по основ на плата и придонеси. Фирмата не треба да исплаќа плата.
Трета причина е кога матичниот лекар го греши крајниот датум на породилното отсуство при внесување на податоците во ИСР образецот (извештај за спреченост на работа). Системот автоматски пресметува 270/450 дена ( во зависност дали е еднородено или близнаци и повеќе деца). Доколку избраниот лекар не го пресметал точниот краен датум, тогаш образецот се смета за невалиден и потребно е да се корегира од матичниот лекар.

Овие причини резултираат со доцнење во исплатата на боледувањата и породилното и апелираме сите кои имаат потреба од било какви дополнителни појаснувања, подрачните служби на Фондот им стојат на располагање. Се за да се постигне целта – а тоа побрза исплата на породилни и боледувања, кое сега може да се поднесе во било која од 30-те подрални служби на Фондот.

DSC06359