ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ Охрид се удави во жив песок!

Во врска со денешното соопштение на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати ОК ВМРО- ДПМНЕ, во која се вели:

„СДСМ- Охрид се удави во жив песок! Ни денешното соопштение кое е бледа копија на нивните минатонеделни јавни настапи не може да ја искриви реалната слика дека во Охрид како никогаш досега се гради и инвестира.

Минативе две и пол години локалното раководство на ВМРО –ДПМНЕ и градоначалникот Никола Бакрачески иако соочени со стотици правни и финансиски лавиринти и дупки на секој план при реализација на секој проект, успеаја да реализираат она што ретко која локална самоуправа во вакви неверојатни околности може да успее : 129 во целост завршени проекти и 58 проекти кои се во тек , ветени во програмата и неветени.

Што се однесува до „капиталните – крупни проекти“, власта на ВМРО-ДПМНЕ (за разлика од минатото локално раководство на СДСМ) се раководи исклучиво само од постоечките законски норми, прописи и предвидени рокови. Доколку во текот на своето 8 годишно владеење со градот СДСМ- Охрид наместо со криминални и коруптивни активности кои го потонаа градов во финансиска бездна за сметка на полнење на приватните џебови на мал број поединци, се занимаваше или работеше на создавање предуслови и обезбедување на сите потребни постапки за изградба на капиталните проекти, денес истите ќе беа во функција.

Пред десеттина дена ВМРО- ДПМНЕ, преку јавно соопштение детално информираше за постапките при реализација на капиталните проекти , и и порачува на СДСМ- Охрид да го препрочита тоа соопштение за конечно да престане јавно да се бламира со неиздржани соопштенија и конечно да сфати дека во поодмината фаза на реализација се капиталните- крупни проекти.

СДСМ – Охрид нема никаков кредибилитет да ги употребува термините, сообраќај, сообраќајна студија или паркинг простор. Сведоци сме дека во времето на СДСМ иако главни функционери во општината беа експерти по сообраќај, Охрид го доживуваше најголемиот сообраќаен хаос за што сведочат и огромните бројки на сообраќајни незгоди. Охриѓани добро паметат дека во времето на СДСМ со јавниот паркинг простор во градов стопанисуваше приватна фирма блиска до претходното локално раководство која инкасираше народни пари на приватни сметки.

Многу наскоро ВМРО- ДПМНЕ јавно ќе упати покана до охридските социјалдемократи да го проследат почетокот од реализацијата на втората фаза од изградбата на една од најубавите пешачки и велосипедски патека од каналот „Студенчишта“ до хотел Парк. Исто така на задоволство на охриѓани и за жал на СДСМ многу наскоро во Охрид ќе бидат пуштени во употреба реконструираните улици „Питу Гули“ и „Ристо Чадо“.

На крај, СДСМ- Охрид нема потреба толку да се јадосува и вознемирува поради градежната експанзија што му се случува на Охрид затоа што нејзините благодети ќе ги ужива и таа.“ – стои во реакцијата од ОК на ВМРО–ДПМНЕ Охрид.