За проблемот со мигрантите потребно е Европа да обезбеди заеднички одговор, оти ниту една земја не може проблемот да го реши сама со сопствени ресурси. Помошта за Македонија од Брисел засега е симболична. Очекуваме третман од ЕУ како кон земја членка, изјави денеска во Охрид министерот за надворешни работи Никола Попоски.
„Во комуникација сме и со нашите соседи и со ЕУ и со ОН, бидејќи се работи за проблем кој не е од или за Македонија, туку Македонија е само една од дестинациите која е дел од рутата. Бараме решение да се справиме со многу зголемен наплив. Од една вообичаена динамика од 500-600 мигранти кои влегуваа на македонска територија се соочивме со ситуација во која неколку илјади доаѓаат наеднаш“, рече Попоски на новинарско прашање по посетата на Летниот камп 2015 „Ја сакам Македонија“ во Охрид.
Според него, очигледно нашата состојба е многу специфична бидејќи сме единствена граница на оваа рута во која мигранти доаѓаат од земја членка на ЕУ на територија на земја која не е членка на Унијата.
„Сите други ситуации се обратни или меѓу ЕУ и ЕУ или од не ЕУ во земја членка. Се надеваме дека ЕУ ќе го земе предвид фактот што Македонија е дел од рутата и иако не сме членка ќе имаме подеднаков третман“, вели Попоски.
Тој посочи дека повторно е упатен апел за помош од ЕУ.
„Упативме повторен апел за помош од ЕУ, во комуникација сме и мислам дека ЕК треба да биде вклучена во делот од ова решение. Во овој момент таа помош е симболична и главниот товар го сносат македонските институции. Не се работи само за финансиски, туку се работи и за хуман аспект, за луѓе кои напуштаат територија која е во воени дејствија и каде животот им е загрозен, но овие луѓе може да бидат згрижени само доколку Европа обезбеди заеднички одговор. Во овој момент тоа сепак недостасува“, нагласува шефот на дипломатијата.
Во Грција, според него, не делува дека овој проблем се намалува што значи дека треба да бидеме подготвени за можеби продолжен период за ваков наплив. И на грчка страна, додава, се надеваат да ги надминат проблемите, односно да го намалат притисокот, но тоа предизвикува притисок на нашата граница.
„Ќе направиме максимални напори мигрантите кои сакаат да влезат на македонска територија да бидат регистрирани. Тие што ќе се одлучат за барање азил да добијат соодветен третман, а оние кои сакаат да го продолжат патувањето, исто така. Мора реално да ги согледаме околностите од приливот на мигранти, од 500 дневно зголемен е на 3.000 дневно. Во таква ситуација мора да имаме соодветен одговор и тоа не може да се реши за 24 часа“, нагласи Попоски.
Тој укажа дека границата не беше затворена бидејќи ние имаме прогласено само кризна состојба во таа зона, поради реалната состојба со сериозна група мигранти кои се притиснати од грчка страна кон македонската граница.
„Ќе продолжиме со спроведување на тие луѓе без разлика што ќе одлучат дали ќе бидат баратели на азил или ќе го продолжат патувањето. Максимални напори вложуваме за хуман третман, но физички е невозможно да се справите со толкав наплив мигранти. Од другата страна имаме само решавање на краткорочните проблеми, односно преместување на мигрантите поблиску до македонската граница доколку немаме заедничко решение кое ќе ја вклучува и ЕК. Затоа и апелите се упатени кон нив“, изјави Попоски.