Ексклузивната изложба на словенски ракописи од Македонија во НУБ

Од вчера до 10 јули во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“- Скопје, е поставена ексклузивната изложба „Словенски ракописи од Македонија од XIII до XIX век“, која е  организирана во рамките на јубилејното чествување на 70-годишнината од основањето на библиотеката …

Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ синоќа во присуство на многубројни гости, меѓу кои и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, беше отворена ексклузивната изложба „Словенски ракописи од Македонија од XIII до XIX век“.

Во своето обраќање пред присутните, Канческа-Милевска истакна дека преку изложбата на најрепрезентативните ракописни книги кои се сведоци на илјадагодишната словенска писмена традиција на Македонија, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со еден мал дел од словенското книжевно наследство зачувано во Македонија.

012a_stari_rakopisi_640x400

„Денеска пред македонската јавност ги презентираме оригиналните словенски ракописи  од 13 до 19 век кои го посочуваат 1000–годишниот континуитет на писмениот и јазичен развој во Македонија како дел од цивилизациските текови низ времињата на Балканот и пошироко во Европа. Овие ракописи се наш своевиден национален културен влог во актуелниот процес на глобализацијата и културното прелевање меѓу народите, тие се симбол на македонскиот културен идентитет, наш најсилен аргумент кој можеме да го понудиме насекаде низ светот“ – рече министерката Канческа-Милевска.

Таа додаде дека овие ракописи имаат исклучителна вредност и се потврда на историските процеси низ кои се развивале македонската писменост, култура и цивилизација.

Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Иван Заров, подвлече дека  отворањето на изложбата е во рамките на јубилејното чествување на 70-годишнината од основањето на библиотеката  „Св. Климент Охридски“.

„Денешнава изложба е причина за двојна радост и гордост. Најнапред  заради повторното патување кон изворите на сопствената духовност, но и поради одбележувањето на  седумдесетгодишниот јубилеј од основањето на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”. Оваа импозантна институција, која е вградена во темелите на македонската државност и е етаблирана во сите сегменти на културниот живот на нашата држава, е многу повеќе од библиотека, таа е стожер кој ја сублимира колективната меморија на македонскиот народ и неговата духовна култура“ – истакна директорот Заров.

014_stari_rakopisi

Честитајќи го големиот јубилеј, министерката за култура Канческа-Милевска истакна дека по гостувањето на изложбата во Кралскиот музеј Мариемон во Белгија и скорашното претставување во Ватиканските музеи во рамките на традиционалната манифестација „Македонија во чест на св. Кирил“ и 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Светата Столица, за првпат е претставена пред македонската јавност.

„Отворањето на изложбата во НУБ „Св. Климент Охридски“ претставува исклучително значаен настан за македонската култура. Со него го одбележуваме опстојувањето на институцијата која веќе 70 години се грижи  за културно-образовниот и научниот растеж на македонската држава. Универзитетската библиотека е трезорот во кој се чува нашето национално богатство, над 3000 библиотечни единици во кои спаѓаат и вредните примероци од светската литература, како и дела  од арапска, отоманска и персиска провиненција кои ја сочинуваат  ретката ориентална збирка што ја поседува институцијата“ – рече министерката за култура Канческа-Милевска. 

Република Македонија поседува голем број ракописи од Охридската книжевна школа кои се чуваат во трезорите на академските и на културните институции во државава, а повеќето од нив се дел и од археографската збирка на   Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје.