Андреј Стојаноски(20) постигна голем успех на Светското првенство во пливање за спортисти со оштетен слух, кое од 17-22.08.2015 година, се одржа во Сан Антонио, САД. Македонецот Стојаноски во дисциплината 1.500 метри слободен стил оствари време кое му беше доволно да го освои сребрениот медал.
Тој имаше најдобар резултат во квалификациите, со што се пласира во финалето на трката од 1.500 метри слободно и со време од 16 минути, 57 секунди и 13 стотинки го освои второто место во дисциплината во која имаше најголеми очекувања.
Стојаноски е член на пливачкиот клуб Бета, на Светското првенство изминатите денови учествуваше во уште три финални трки. На 400 метри делфин тој заврши на петтото место, додека на 400 и 200 метри слободно го освои седмото, односно осмото место.Работата на најдолгите патеки му донесе најголем успех .На овој голем успех многу придонесе залагањето и напорната работа на неговиот тренер Марјан Соколовски.
За огромниот резултат, денеска пред пливачкиот базен “Борис Трајковски”, Стојаноски беше пречекан од семејството, пријателите, но и голем број вљубеници во спортот, кои му го честитаа големиот успех.
Прв со честитка и со букет цвеќе го поздрави директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, кој му посака врвни спортски резултати и во иднина. Агенцијата за млади и спорт целосно финансиски го поддржа неговото учество на светското првенство, а како што најави Спасески, поддршката ќе продолжи и во иднина. Кон честитките се придружија и претседателот на пливачкиот клуб “Бета” и директорот на СЦ “Борис Трајковски”, а највозбудени беа неговите родители и другарите.
Стојаноски е македонски спортски бисер, кој во континуитет постигнува високи спортски резултати во пливањето, кои се вреднувани од државата. Тој е носител на Стипендија од АМС од светска категорија, а со овој резултат уште еднаш ќе ја завери и потврди.