Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски упати честитка по повод големиот христијански празник, Успение на Пресвета Богодорица.
„До: Поглаварот на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија,
Архиепископ Охридски и Македонски, Господин Господин Стефан
Ваше Блаженство,
Дозволете ми Вам лично, на членовите на Синодот и на сите православни верници, од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица и да ја изразам мојата желба за многу среќа, радост и мир во душите на сите христијански верници.
Празнувањето на овој ден е славење на светлината на Дева Марија, која преку својот безгрешен, достоинствен и богоугоден живот е благословена со раѓањето на нашиот спасител Исус Христос. Чистината на нејзината душа ја прави оваа жена достојна за најголемиот христијански чин, а со тоа и вечен пример за сите нас кои со восхит и почит гледаат на нејзиното дело. Добрината и искреноста, чесноста, грижливоста и чистината на душата сe принципите и патоказот по кој и мајката божја, и целото христијанство не учи и упатува, оттука е и големината на денешниот празник и неговото значење.
Посветеноста на мајчинството и љубовта кои се белег на нејзиниот земен живот секогаш ќе не потсетуваат на бесценетоста на семејството. Поддршката и потпората добиени од домот даваат сила да се издржат најголемите предизвици и искушенија. Затоа на овој ден посебно, но и на секој друг, да се потсетиме на значењето на семејството како суштински елемент за одгледување и животен развој на децата кои се богатството и иднината на секоја земја.
Во духот на христијанството да ја пренесеме добрината со која сме благословени, на знајните и на незнајните луѓе со кои во секојдневието ни се вкрстуваат патиштата. Правејќи добри дела, создаваме трајни вредности и секој на тој начин придонесува со свој личен пример за иднината на нашата земја, нејзината изградба и развој.
Нека ни е честит и за многу години празникот.“– стои во честитката.