Свечено затворена шестата Школа за млади лидери

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, синоќа се обрати на свеченото затворање на шестата Школа за млади лидери, што се одржа од 16-ти до 27-ми август во Охрид.

Претседателот Иванов на учесниците на школата им додели сертификати за учество и успешно завршување на десетдневната интензивна лидерска обука.

На годинешната школа учествуваа 20 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Македонија, Европа, САД, Израел и Мароко, кои ги пренесоа своите искуства и видувања за лидерството на 44 учесници на школата. Meѓу предавачите на шестата Школа за млади лидери беа г. Петар Стојанов, поранешен претседател на Република Бугарија, г. Франко Фратини, поранешен потпретседател на ЕК и поранешен МНР на Италија, г. Марк Оте, генерален директор на Кралскиот Институт за меѓународни односи – ЕГМОНТ, г. Абдулазиз Отман Алтваијри, генерален директор на Исламската образовно, научна и културна организација „ИСЕСКО”, г. Јован Ковачич, член на извршниот комитет на Трилатералната комисија и претседател на организацијата „East West Bridge”, г. Метју Квасиборски, директор на Европскиот институт на Фондот за Американски студии и други.

Програмата на школата, што се одржува по иницијатива на претседателот Иванов, опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.

Во изминатите пет години на школата учествуваа 200 млади луѓе и над 120 предавачи, меѓу кои Генералниот секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешката Република и на Република Србија, г. Вацлав Клаус и г. Борис Тадиќ, претседателите на Светската и Европската академија на науките и уметностите, г. Иво Шлаус и г. Феликс Унгер, како и многу амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.

Идејата на Претседателот Иванов е преку одржувањето на школата да им се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградат и усовршат своите вештини, да ја развијат својата креативност и лидерски способности. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, кое преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, продолжува со развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.